Милански Интер со една нога е во четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако победнички се враќа од гостувањето во Ротердам, каде вечерва на првата пресметка со Феенорд оствари победа од 0:2.
„Нероаѕурите“ очигледно беа далеку подобар ривал од холандскиот претставник, а ова гостување можеше да го завршат и уште поубедливо ако искористеа уште некоја од шансите, или промашениот пенал на Зелински.
Турам со голот во 38. минута го отвори резултатот за водство на Интер од 0:1, а најдобриот стрелец на Интер во ЛШ оваа сезона, Лаутаро Mартинез, зголеми на 0:2 со голот во 50. минута. Интер доби шанса и за трет гол, но Зелински не успеа да го претвори пеналот во гол во 65. минута.
Реваншот во Милано треба само да го потврди местото на Интер во четвртфиналето, а Феенорд ќе сонува на сензација како во минатиот двомеч со Милан.