Одбојкарската репрезентација на Словачка е победник на 45. издание на Меморијалот „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ во Скопје. Во финалето вечерва, Словаците по голема борба славеа против нашата репрезентација со 1:3 (17:25, 25:21, 22:25, 22:25). И за двете селекции ова беше одличен тест пред заминувањето на Европското првенство кое стартува на почетокот на следниот месец.
Словачка одлично го отвори мечот. Имаа доминантен прв сет во кој нашите одбојкари не се снајдоа најдобро, па Словаците со 25:17 успеаја да обезбедат предност од 1:0 во сетови.
Вториот сет понуди многу подобра и понеизвесна одбојка. Нашата репрезентација имаше константна предност од неколку поени, која резултираше со прилично мирен влез во финишот на сетот кој го освоивме со 25:21 за израмнување на 1:1.
Во третиот сет бевме сведоци на неверојатно враќање на Словаците. Имено, нашата селекција до средината на сетот влезе со фантастична предност од 7-8 поени (17:9), но потоа како едноставно да застанавме. Словаците нижеа поен за поен, успеаја да не стигнат, па дури и да поведат со 22:20. Во финалето на сетот го задржаа ритамот и на крајот успеаја да поведат со 2:1.
Четвртиот сет почна израмнето. До средината успевавме да се одржиме во егал, но Словачка слично како и во третиот сет „уфрли во петта безина“ и во завршницата направи незадржлива предност од 4-5 поени разлика (16:21). Се обидовме да донесеме неизвесност во завршницата, но Словачка не потклекна и успеа да победи со 3:1 во сетови.