Македонската ракометна репрезентација ја продолжува традицијата на редовни учества на големи натпреварувања, денеска го завери своето деветто Европско првенство, осмо по ред. Кирил Лазаров и неговите момци пред полни трибини во СЦ „Јане Сандански“ ја совлада Литванија со 26-17 во последниот квалификациски меч. Гостите беа рамноправен противник едно полувреме, после следеше доминација во „црвено-жолта“ боја.
Домаќини на континенталното натпреварување ќе бидат Данска, Норвешка и Шведска, ЕП ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари следната година.
Мартин Томовски повторно блескаше запиша 11 одбрани, три имаше Никола Митревски, две од седум метри. Кузмановски имаше пет гола исто колку и Серафимов.
Нашите ракометари лошо го отворија мечот, тргнаа во грч, имаа четирите нерализирани напади, на другата страна Литванците после осум минути игра поведоа со 0-4. Гостите беа цврсти во одбраната. Кирил Лазаров повика тамј-аут, капитенот Филип Кузмановски го постигна првиот гол, (од седум метри), Митревски запиша одбрана, а Мартин Ивановски намали 2-4 во 10 минута. Осум минути подоцна, Македонија со серија од 3-0 успеа да израмни на 6-6 со Серафимов, Костески и Лазаревски.
Од 20-та минута на теренот ја водивме Македонија која сите ја посакуваме, Томовски повторно беше одличен на голот, им даде ветер во грб на своите соиграчи, Серафимов и Атанасијевиќ ги донесоа првите плус два (10-8, во 23. минута). Нашите ракометари не искористија два напади за да ја зголемат позитивата.
„Црвено-жолтите“ останаа со играч помалку, но тоа не смени ништо, Јагуриновски и Пешевски во 29-та минута зголемија на три гола разлика (13-10). Литванците добија пенал за 13-11 на одморот.
Одличен вовед во најважниот дел. Лазаревски, Ивановски и Џонов го отворија второто полувреме, во 32. минута беше 16-11, две одбрани имаше Томовски. Од овој момент, Македонија реализираше после шест минути, Кузмановски со вториот пенал зголеми на плус пет (17-12). Битката на теренот се вжешти, нашата репрезентација ја зацврти одбраната, Томовски продолжи да царува на мрежата, а Џонов со два гола во низа донесе плус шест (19-13) на средината на второто полувреме.
Доминацијата на Македонија продолжи, во 47 минута, Кузмановски зголеми на највисоки седум гола разлика 21-14. Потврда дека овој меч ќе заврши само со едно сценарио дојде во 52. минута, по новата одбрана на Томовски, Пешевски донесе плус девет (23-14) за крај на сите надежи на противникот. Печат на победата стави младиот Дамјан Митев, од седум метри зголеми на двоцфирени 26-16.