Од Истанбул Игор Д. Ивановски
За првпат Истанбул е домаќин на гала-церемонијата на УЕФА во која покрај многуте активности во пресрет на новата натреварувачка сезона се случува и прогласувањето на најдобрите во Европа за изминатата сезона.
И оваа како и изминатите 10 години, и Македонија учествува во изборот на најдобриот. СПОРТМЕДИА како медиум од Македонија, со останатите медиуми од 54-те земји членки на УЕФА, кои во изминатиот период беа дел од приоцесот на гласање од лице место ќе го следи изборот.
Денеска околу 18:30 часот фудбалскиот свет ќе го дознае името на новиот лауреат. Најдобриот на Европа кој во изминатите години секогаш беше и најдобриот на светот.
По собраните гласови имињата на Жоржињо (Челзи), Канте (Челзи) и Де Брујн (Манчестер Сити), останаа во финалната трка.
СПОРТМЕДИА за тројцата даде поени во изминатиот процес од гласањето со тоа што редоследот на поени ќе се знае и официјално кога се ќе биде познато.
Гламурот од Монте Карло сега за првпат е во Истанбул, а тука ќе биде и во наредната година. Турскиот град е домаќин на најдобрите кои сепак поради проблемите со пандемијата нема да бидат физички присутни во „Конгресната сала“ во Истанбул.
Покрај најдобриот фудбалер ќе бидат прогласени и најдобриот тренер, голман, дефанзивец, играч за врска и напаѓач во Лигата на шампионите но и најдобриот играч во Лигата на Европа.
Оваа година претседателот Александар Чеферин одлучи со посебна награда да им се заблагодари на Симон Кјаер, капитенот на Данска и медицинските лица кои дадоа голем допринос во битката со Ковид-19, а со тоа и враќањето на фудбалот на терените и навивачите на трибините.
Паралелно со прогласувањето на најдобрите ќе трае и ждрепката за новата сезона од Лигата на шампионте, додека утре на програмата е ждрепката за групите во Лигата на Европа и Конференцуиската лига.
СПОРТМЕДИА е во Истанбул со најдобрите, а во текот на денот од прва рака ќе може на нашиот веб-портал да ги читате најновите вести од УЕФА и церемонијата од прогласувањето на најдобрите во Европа.