Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на Ролан Гарос, откако со 3-1 го совлада Александар Зверев. На патот кон финалето стои најдобриот тенисер во светот, Јаник Синер.
Италијанскиот тенисер после допинг-суспензијата се врати на терените. Новак испрати комплименти на негова сметка, порача дека Јаник заслужува да биде на врвот.
„Јаник е најдобриот играч во последните неколку години. Тој заслужува да биде таму каде што е, игра одлично, напаѓачки тенис и е силен во секој аспект од својата игра. Не сме играле веќе некое време, но имавме многу возбудливи натпревари. Одигравме 3-4 натпревари на тврда подлога во еден момент за краток временски период, но мислам дека игравме само еднаш на земјена подлога во Монте Карло пред неколку години. Тоа е полуфинале на Гренд слем против светскиот број 1 и ќе дадам се од себе да бидам најдобар што можам.“
Синер игра одлично на Ролан Гарос и досега немал вистински ривал, но Ноле знае што да очекува.
„Знам и не знам како да го спречам. Знам што да очекувам од Јаник. Тој сигурно ќе игра на високо ниво, бидејќи играше на секој турнир во последната година и пол. Не очекувам ништо помалку од него. Предизвици како овој го извлекуваат најдоброто од мене. Играјќи против број 1 во финалето на еден слем, нема поголема мотивација за мене од тоа. Како ќе го спречам? Не размислувам за тоа, туку за тоа како ќе играм на теренот и ќе се чувствувам добро. Ќе работам со тимот утре на некои уникатни работи, кои ќе бидат важни кога ќе играм против Јаник.“