Женската репрезентација на Македонија„ Под 18“ години денеска отпатува за Литванија, каде веќе од утре ќе ги почне настапите на ЕП од Дивизијата „Б“.
Нашата женска јуниорска репрезентација ќе го почне натпреварувањето на овој евро-шампионат на 4. јули (четврток), од 12 часот, во Арената во Алитус против селекцијата на Романија.
Наредниот ден, на 5. јули, од 17 часот, Македонија ќе игра против селекцијата на Германија. На 6.јули од 19:30 часот, за противник ја имаме Шведска. Прва фаза од првенството ќе ја затвори на 9. јули, од 12 часот, кога Македонија игра против репрезентацијата на Ирска.
Селекторот на овој наш национален тим, говори за периодот кој помина, оној подготвителниот:
„Во изминатите четири недели играчите работеа со максимална енергија на секој тренинг. И на секој нов тренинг доаѓаа уште помотивирани, момент кој што многу ме радува. Исто така, во овие четири недели направивме едно семејство што е клуч за секој успех. Како што реков цел ни е енергијата мотивацијата од тренинзите да ги пренесеме во Литванија“– вели Петровски пред почетокот на шампионатот.
Што е тоа што сметаш дека е некоја наша предност во однос на ривалите во групната фаза од првенството?
„Имајќи во предвид дека сме една од најмладите репрезентации, тоа дава дополнителен фактор за поголема желба и мотивација. Групата е тешка, ги имаме Германија која е фаворит за злато на првенството. Романија која претходната година беше шампион во У16 со овие играчи, Шведска која секоја година е во горниот дел од табелата. Но знам дека нашите девојќи се многу мотивирани и ќе одиме со 120 отсто од нашите можности на секој натпревар“– најавува селекторот.
Како пласман можеме да очекуваме, кој е некој краен дострел на оваа селекција?
„Тоа што можеме да го очекуваме е дека ќе се даде максимумот од сите нас и дека ќе ја одиграме нашата најдобра игра за која што интензивно работевме во подготвителниот период. Имаме многу талентирани играчи, кои за некоја година ќе бидат и во ‘А’ тимот“– заклучува селекторот пред она што следува веќе од утре попладне, настапите на првенството кое се игра во Алитус и Вилнус.