Средниот блокер Филип Маџунков ќе биде на располагање на селекторот Јошко Миленкоски за престојните квалификациски дуели со Грција и Грузија за пласман на Европското првенство 2026. Неговото име е меѓу 16-те кои треба да се појават на 17 јули на стартот на подготовките во Маврово.
Маџунков ја пропушти првата летна акција на репрезентацијата поради интервенција на коленото, но по успешната санација на проблемот и процесот на рехабилитација тој се враќа во игра.
Селекторот Миленкоски не направи никакви промени во списокот. Одбојкарите кои ги имаше на располагање за настапот во Европската Златна лига 2025 се негов избор и за евро-квалификациите.
Репрезентативците од редовите на шампионот Струмица 47&72, како и освојувачот на Купот, Штип УГД, заедно со интернационалците – браќата Ѓоргиеви, Љафтов, Савовски, Костиќ, Илиев и Ефремов ќе го понесат товарот во дуелите со Грција и Грузија, преку кои Македонија го „брка“ настапот на четвртиот континентален собир во низа.