Женската сениорска репрезентација викендов во Маврово ја заокружува првата седмица од подготовките за евро-квалификациските дуели со Грција и Австрија за ЕП 2026.
Македонија не брка резултат на овие две средби со оглед на тоа дека дамите се без шанси за пласман на следниот континентален собир, но дамите во одлична атмосфера работат за престојните дуели на кои желбата е да се задржи позитивната градација во играта.
„Секој натпревар за нас е нов предизвик, без оглед на тоа кој е противникот. Секако, Австрија и Грција се репрезентации со традиција и сериозен систем, но ние на овие два дуели гледаме шанса да растеме како екипа. Европската лига ни даде самодоверба, но и ни покажа што мора да корегираме за да напредуваме. Наша обврска е да потврдиме дека резултатите од Европската лига не беа случајност и да продолжиме да го креваме нивото на играта. Ние немаме резултатски притисок, но имаме одговорност кон својата работа и кон дресот кој го носиме. Никој не сака да биде етикетиран како аутсајдер, но истовремено тоа може да биде мотив, без оптоварување, да дадеме максимум и да ја искористиме секоја шанса која ќе ни се укаже. Ако бидеме дисциплинирани, храбри и ако веруваме една во друга, сигурен сум дека можеме да приредиме и изненадување и да бидеме незгоден противник за било кој. Тоа е и суштината на репрезентативниот циклус. Секој пак кога ќе се собереме да си заминеме дома подобри отколку што сме биле кога сме дошле. Резултатот е важен, но за нашиот тим, кој е во процес на градење, поважен е секој тренинг, секој натпревар и секој момент поминат заедно кои ќе допринесат во нашиот напредок. Ако растеме од собир во собир сигурно ќе дојдеме до денот и кога ќе постигнуваме сериозни резултати“ – анализира селекторот Стефан Пауновиќ.
Репрезентацијата утре попладне доаѓа во Скопје, каде ќе продолжи со работа во СЦ „Борис Трајковски“ во пресрет на квалификацискиот дуел со Грција, која ја пречекуваме на 3 август (20 часот) во Скопје.