Игор Митрески за „СпортСпорт“: Карабах е фаворит, ама Шкендија има шанси да ја мине и оваа пречка!

1022

Игор Митрески е позната фудбалска “фаца“ во Македонија. Некогашен истакнат репрезентативец, играч со богата интернационална кариера, иако веќе една деценија е во играчка пензија, и тоа како ги знае приликите во мак – фудбалот, па и пошироко.

Како некогашен спортски директор на Шкендија, како некогашен фудбалер кој четири години мина во Азербејџан, во Нефчи и тоа како е повикан да каже што мисли, секако за „СпортСпорт“ за претстојниот двомеч од 3.квалификациско коло во Лигата на Шампионите меѓу Шкендија и Карабах, шампионот на Азербејџан:

Како прво да им го честитам овој голем успех на сите во Шкендија. И дефинитивно се покажа дека Јетон Беќири во моментов е еден од нашите најдобри тренери. Секоја чест на сите во Шкендија. И веднаш да кажам дека Карабах е фаворит. Има одличен тим, тренер кој долго време е таму, Гурбан Гурбанов. Знаат што сакаат, имаат голем буџет, од година во година растат како клуб. Да потсетиме дека таму тренер асистент беше Борче Христов, а долго време играше Муарем Муарем. Според мене Карабах е фаворит, но Шкендија има свои шанси и тоа како. Сепак тоа е тим од Азербејџан, и може да се игра против него“ вели Митрески.

Тој смета дека Беќири и овојпат ќе изнајде вистинската тактика:

Не се сомневам во тоа. Шкендија треба да одигра како со ФЦСБ. Да биде мудра, паметна, да ја игра својата игра. Во фудбалот се можни изненадување, ако можеше да падне Стеауа, не гледам причина зошто нашиот шампион да не го мине и Карабах. Да повторам, ќе биде тешко, можеби двојно потешко отколку со Стеауа. Битно е Шкендија да биде максимално психолошки подготвена, да верува во себе. Секако дека ќе навивам за Шкендија, и поради фактот што некогаш бев дел од тој клуб, а секако и поради тоа дека станува збор за клуб од Македонија. Им посакувам добар настап против Карабах и секако минување и на оваа пречка“ истакна за “СпортСпорт“ Игор Митрески.

Да потсетиме првиот меч се игра на 5 август со почеток од 20 часот на Арената во Скопје, додека реваншот е закажан за 12 август во Баку.

ПретходноИлиевски одбра за дуелот против Романија
СледноШкупи во центарот на нов скандал! Дали е ова почеток на крајот за клубот со богата традиција?