Македонскиот репрезентативен напаѓач Бојан Миовски остави голем впечаток во Шкотска по своите извонредни настапи во дресот на Абердин од каде потоа се пресели во Џирона. Ова лето почаа да кружат гласини дека Миовски има шанси повторно да заигра во шкотската Премиерлига, бидејќи за него сериозно е заинтересиран тамошниот гигант Селтик.
Засега се остана само на гласини, но навивачите на Селтик и натаму по социјалните мрежи инсистираат клубот да испрати понуда за Миовски и да се обиде да го донесе во тимот. Овие гласини се засилија викендов откако Селтик постигна само три гола во последните три натпревари, што за „детелинките“ е повеќе од очајна статистика, познавајќи ја ефикасноста која тимот ја имал во годините наназад.
Еден од головите беше постигнат во судиското продолжение, едниот дојде три минути пред крајот на регуларното време, а другиот беше автогол. По оваа очајна статистика на социјалните мрежи фановите на клубот порачаа: „Купете го Миовски и проблемот ќе биде решен!“.