Александер Исак, напаѓачот на Њукасл и репрезентацијата на Шведска, чија вредност „Трансфермаркт“ ја проценува на 120 милиони евра, преминува во Ливерпул за 150 милиони евра, што е највисока оштета во историјата на Премиер лигата. Веста ја објави Фабрицио Романо во 1 часот по полноќ, на последниот ден од преодниот рок, со својот заштитен знак – извикот „Here we go!“, кој значи дека трансферот е завршен.
Ливерпул втор пат ова лето го урна англискиот рекорд
„Трансферот е договорен за 130 милиони фунти, што претставува рекорден износ за Премиер лигата. Исак денес ќе ги мине лекарските прегледи како нов фудбалер на Ливерпул, откако пред неколку месеци ги договори деталите за долгорочниот договор со ‘црвените’. Од самиот почеток, Исак сакаше само во Ливерпул“, напиша Романо.
Пресметано во евра, оштетата изнесува 150 милиони, со што тој се пробива на првото место на листата на најскапи трансфери во историјата на Премиер лигата. Ливерпул по втор пат ова лето го руши рекордот за најскапа аквизиција во Англија, откако претходно од Баер го доведе Флоријан Вирц за 125 милиони евра.
Најскапи влезни трансфери во историјата на Англија:
- Александер Исак – од Њукасл во Ливерпул за 150 милиони евра
- Флоријан Вирц – од Баер Леверкузен во Ливерпул за 125 милиони евра
- Енцо Фернандез – од Бенфика во Челзи за 121 милион евра
- Џек Грилиш – од Астон Вила во Манчестер Сити за 117,5 милиони евра
- Деклан Рајс – од Вест Хем во Арсенал за 116,6 милиони евра
Купувањето на Иcак од страна на Ливерпул воедно претставува и трет највисок износ платен за еден фудбалер во историјата на фудбалот. Пред него се само трансферите на ПСЖ за Нејмар и Килијан Мбапе.