Лазаров: Разочаран сум од некои играчи! Ако зборуваме генерално, задоволен сум од играта!

320

Алкалоид ја заврши својата европска мисија. Кирил Лазаров и неговите момци на домашен терен беа совладани од Хановер со 28-29 на реванш мечот за пласман во групната фаза во Европската лига. Македонскиот тим одигра многу подобро од првиот натпревар, но повторно имаше проблем со изведување на удари од седум метри, како и реализација на зицери.

Лазаров после мечот не криеше дека е разочаран и од двата меча, бидејќи неговите момци имаат шанса да дојдат до победа вечерва, но ги повторија истите грешки, а против бундес-лигаш како што е Хановер тоа недозволиво.

„Честитки до Хановер на заслужената победа. Разочаран сум затоа што не реализиравме девет пенали во двата меча. Со такво нешто е невозможно да се елиминира еден таков тим кој е дел од Бундеслигата. Свесни бевме дека се подобри од нас, но да промашиш девет пенали е многу. И тоа многу тешко да победиш ваков ривал“, рече Лазаров.

Тренерот на Алкалоид вели дека овие натпревари му дале јасна слика за одредени играчи, за дел имал високи очекувања, но на терен се покажало спротивното. Сепак Лазаров има право и да биде задоволен, особено од начинот на кој му парираа на Хановер.

„Да бидам искрен, разочаран сум од некои играчи… Јас имав некоја поинаква визија, сега гледам дека за некои ракометари не сум бил во право во она што сум го мислел за нив. Ако зборуваме генерално, задоволен сум од играта, од начинот на кој на големи периоди му париравме на еден квалитетен ривал од најсилната лига во светот. Сепак, успеавме да се вратиме од „минус пет“, имавме два гола предност и пенал… и го промашивме. Имавме зицер за израмнување во последната минута… и тој го промашивме. Разочаран сум бидејќи можевме и до подобар резултат, против еден силен ривал. На вакви мечеви се гледа квалитетот, се оди напред…. а по едно вакво издание во клучните моменти сега чувствувам како да стоиме во место, што искрено не ми се допаѓа. Игравме со квалитетен ривал, но премногу го почитувавме… почнавме бавно, штом се најдовме во голема негатива и почнавме да играме без притисок, веднаш се вративме резултатски. Тоа покажува дека можеме да играме, да се надигруваме со вакви екипи. Но, зошто паѓаме во клучните моменти, при пенали и зицери, тоа е веќе очигледно тема за една подлабока анализа“, рече Лазаров.

Алкалоид целосно се врти кон домашното првенство, а таму го чека дуел со ГРК Охрид на домашен терен, мечот се игра во среда во Автокоманда.

ПретходноМилионски долг го затвори ресторанот на НБА ѕвезда
СледноКвалификации за СП 2026: БиХ го прегази Сан Марино, Ирците извадија реми со Унгарија