Екипата на Алкалоид ја оправда фаворитската улога против Радовиш на гостински терен, славеше со 23-35 во меч од четвртото коло. За тренерот Кирил Лазаров и неговите момци ова беше втора победа оваа сезона, имаат и две ремија. На другата страна Радовиш и нататаму ќе ги чека своите први бодови.
Тордарсон со шест погодоци беше прв стрелец кај победникот, по пет погодоци имаа Стојковиќ и Ѓорговски. Постолов со осум гола беше најдобар во домашниот состав.
Алкалоид отвори со 2-6 после девет минути игра, ја имаше контролата на резултатот. После 13-18 на одморот, гостите не застанаа, на средината на второто полувреме поведоа со двоцифрени 19-29. До крајот на Алкалоид му остана рутинската задача.
ОХРИД ДАЛЕКУ ОД ОЧЕКУВАЊАТА
ГРК Охрид не помина според планираното во Битола. Наместо лесни бодови против вториот тим на Пелистер, постојано се мачеше, гостите не беа комотни на теренот, на крајот славеше со 22-25. На почетокот на 50-та минута охриѓани имаа предност од еден гол (20-21) што доволно говори за случувањата на теренот. Три минути подоцна битолчани не искористија напад за израмнување, но неизвеноста продолжи. На две минути до крајот Дрогришки повторно намали на еден гол негатива (22-23). Ојлески реализираше седмерец, по неискористените шанси на домаќинот, ГРК Охрид здивна во последната минута.
Ѓукиќ со девет гола беше лидер кај победникот, Ојлески беше стрелец на седум гола, Чаневски запиша 12 одбрани. Кај домаќинот, Мохамед имаше девет погодоци, Јаневски девет одбрани.