Екипата на Шкупи против Арсими го одигра најдобриот натпревар во оваа сезона, но неискуството и спортската среќа не беа на страната на екипата од Чаир. Така размислува и Марио Ричков, кој се надева дека лошата серија ќе се прекине на натпреварот во Струга.
„Не следеше лоша среќа во неколку натпревари, но веруваме дека овој пат ќе ја прекинеме таа серија и ќе стигнеме до позитивен резултат. Иако сè уште немаме забележано победа, како млад тим се подобруваме од натпревар до натпревар. Работнички во моментов е во резултатска криза и се надеваме дека ќе го искористиме овој момент за да ги освоиме трите бода и да се вратиме со победа.
Го познаваме добро Работнички како екипа, бидејќи таму играат многу од нашите поранешни соиграчи, како Демир Имери, Флориан Кадриу и други кои поминале низ Чаир. Сепак, ги анализиравме детално – и нивните слабости и доблести. Мотивирани сме и максимално фокусирани да дадеме сè од себе на теренот.“
Работнички очекува да ја прекине лошата серија порази. Натпреварот ќе се одигра на Градскиот стадион во Струга, што значи дека двете екипи всушност ќе играат на неутрален терен.
„Во изминатите осум кола освоивме премалку бодови. На одредени мечеви можеби и играта беше подобра од крајниот ефект. Затоа, нашата цел е да ги освоиме трите бода од денешниот меч. Го респектираме Шкупи, знаеме дека и тие се во незавидна позиција на табелата, но ние сме мотивирани да тргнеме офанзивно и да оствариме триумф“, вели Јасмин Мециновиќ.
Работнички досега оствари само една победа, против Пелистер на домашен терен, а на гости освои еден бод, на отворањето на сезоната против Тиквеш во Кавадарци.
Шкупи, од друга страна, досега бележи само порази на првенствените натпревари.
Натпреварот Шкупи – Работнички се игра во Струга со почеток во 15:00 часот