Кошаркарите на Црвена звезда вечерва го претрпеа првиот пораз под водство на шефот на стручниот штаб, Саша Обрадовиќ, во неговиот втор мандат на клупата на „црвено-белите“.
Екипата на Црвена звезда вечерва беше поразена на тешко гостување против Спартак во Суботица. Натпреварот од петтото коло од АБА лигата заврши со резултат 85:80 во корист на домашниот тим.
Спартак направи голем пресврт во финишот со серија од 13:0, односно вкупно 16:3. Спартак повторно беше „фатален“ за црвено-белите, исто како и минатата година во полуфиналето од Српската Супер лига.
Данило Николиќ постигна 21 поен за Спартак, додека Оливие Ханлан постигна 16. Кај Звезда, Џаред Батлер беше најефикасен со 16. Јаго дос Сантос имаше 11, додека Стефан Миљеновиќ и Ебуја Изунду постигнаа по десет поени.
Спартак сега има максимален скор од 4:0 на табелата во Б групата, додека Црвена звезда има 2:2.










