Алармантно: После епскиот триумф над Германија не знаеме за победа!

424

Нашата најдобра фудбалска репрезентација вчера на Исланд одигра само 2:2. Велиме “само“ зошто до таа 78.минута имавме водство од 2:0, речиси бевме перфектни, одлични, прашање беше со колкава разлика ќе победиме. Потоа се случи тоа што се случи и на крај мечот заврши со реми. Загубени се два драгоцени бодови.

Самиот резултат и не е така катастрофален, посебно ако се знае дека ние никогаш досега го немавме освоено Рејкјавик, па дури и кога имавме подобра репрезентација. Сепак, боли тоа што одличното издание на момците на Благоја Милевски до таа 78.минута не беше ефектуирано со три бода.

И треба да жалиме.

ВЛЕГУВАМЕ ВО ЛОША СЕРИЈА

Со ова реми и дефинитивно влегуваме во лоша серија. Имено ние пет меча по ред не знаеме за победа. Тука не ги сметаме подготвителните мечеви со Словенија (реми) и со Казахстан (победа) за ЕУРО 2020. Па така од епската победа над Германија во Дуизбург на 31 март, ние не сме победиле, ги сметаме само официјалните мечеви.

А одтогаш па наваму сме играле со Австрија (1:3), Украина (1:2), Холандија (0:3) по водство на Игор Ангеловски, потоа со Ерменија (0:0) и со Исланд (2:2) под водство на Благоја Милевски. Тоа се пет меча, три порази со Ангеловски и две ремија со Милевски.

Секако дека не е за пофалба, посебно не откако сега цела јавност, по пласманот на ЕП, бара од оваа репрезентација само победи и добри игри. Барем со репрезентации како што се Ерменија и Исланд.

Да се надеваме дека против Романија во среда, во меч од 6.коло во квалификациската група Ј за пласман на СП во Катар 2022, ќе успееме да ја прекинеме оваа серија без победа. Која еве трае повеќе од пет месеци.

ПретходноНејмар од ПСЖ добива 6,5 милиони евра годишно ако не доцни на тренинзите!
СледноСкандал во БиХ: Менаџер дал пари за неговиот клиент да игра во репрезентацијата!