После вчерашните случувања во Битола и победата на МЗТ Скопје против Пелистер од 67-72, домаќинот ја извести јавноста дека поднел жалба за критериумот на судиите во решавачките моменти.
Денеска во јавноста се огласи и МЗТ Скопје. Според соопштението може да се види дека спортскиот директор на клубот, Филип Ѓоревски, одлично го искористи овој момент за пресмета со раководството на Пелистер, кое пак е трн во неговите очи веќе со години, наместо да гради во таборот на актуелниот македонски првак, тој постојано гледа во туѓиот двор.
Ставот на актуелниот првак во целост ви го пренесуваме.
„Изминативе години во македонската кошарка, а особено во Битола, сведоци сме на серија настани што го нарушуваат спортскиот дух, фер-плејот и достоинството на оваа благородна игра. Наместо напредок, сведочиме на длабоки поделби, притисоци и постојани обиди вината за сопствените неуспеси да се префрли врз судиите, федерацијата, противниците или медиумите.
Но, вистината сите ја знаеме! Главниот проблем не е во другите, туку во политиките и одлуките што со години се носат од врвот на Пелистер – од луѓето кои заборавија што значи чесно управување, спортска култура и одговорност. Сведоци сме дека во последните три сезони во клубот се создаде токсична атмосфера на страв, притисок и поделби. Наместо сплотеност и идеал за спортска гордост, гледаме како личните интереси и суетата стануваат поважни од дресот, играчите и градот. Битола, град со огромна спортска традиција, денес станува сѐ – само не кошаркарски центар, токму поради ваквото погрешно раководење.
Синоќешниот натпревар, кој нашиот клуб чесно го доби на паркетот (72-67), уште еднаш го потврди тоа. Наместо спортски амбиент, уште на самиот почеток сведочевме на различни видови притисоци, нервоза и недолични обиди за влијание – на теренот и надвор од него. И повторно, виновниците се бараат меѓу судиите и гостинските екипи, само не таму каде што навистина лежи одговорноста.
Време е конечно да престанат заканите, притисоците и играта со угледот на другите. Време е некој да се погледне во огледало и да признае дека спортски колектив не се гради само со исплата на паушали, туку со чесност, визија и сплотеност. Спортски клуб значи семејство, вредности и заедништво — нешто што одамна е изгубено во овој случај.
Нашиот клуб, нашите играчи и навивачи нема да дозволат некој да си игра со нашиот углед, име и чест. Ние не сме третокласен клуб, ниту ќе дозволиме некој да се изживува врз нашите репрезентативци и луѓе кои достоинствено ја претставуваат државата.
Дојде време одговорноста да ја понесе оној што со години ги креира овие деструктивни политики и атмосфера на омраза. Македонската кошарка заслужува чиста игра, достоинствени луѓе, спортска чест и вистински вредности“, се вели во сооштението на клубот.










