Струга гледа само напред, Работнички тоне ли тоне (ФОТОГАЛЕРИЈА)

0

Предмалку на комплексот Петар Милошевски се одигра претпоследниот дуел од ова 14. коло од ПМФЛ шампионатот во кој тимот на Струга Трим Лум со убедлива и пред се допадлива игра и конечни 1:3 го совлада тимот на Работнички.

Дуелот сосема ги оправда очекувањата, а и најавите. Едноставно Струга ТЛ во моментов е подобар тим од Работнички. Тоа го покажува и табелата. Стружани се во чекор со Вардар за првото место, допрва таму ќе се одлучува кој ќе го крева пехарот.

За Работнички пак нештата се многу, многу појасни. Или „Херојот од Дебар Маало“ ќе почне да освојува бодови, или следната сезона по повеќе од две децении ќе се најде во второлигашката конкуренција.

Едноставно, седум бода во четиринаесет мечеви се премалку. Не игра толку Работнички лошо, колку што не освојува бодови. Дојде и до промена на тренерот, но ете и тоа не помогна.

Да не е Шкупи веќе деклариран второлигаш што се вели со едниот единствен бод сезонава, Работнички ќе е клубот кој веќе сите ќе го имавме прежалено. Вака, останува барем малку надеж дека некогашниот шампион, и клубот кој што ги има дадено половина од актуелните репрезентативци на Македонија ќе смогне сили и ќе се извлече од оваа ужасна ситуација.

 

 

ПретходноИ со Тупаиќ иста песна! Струга лесно го мина Работнички