Викендов заврши последниот, седми мастерс турнир кој носи бодови за поединечното државно првенство во билијард, по што е позната конечната табела за 2025 година, а со тоа и официјално 15-годишниот Андреј Ѓурчиновски го презема шампионскиот трофеј.
Во Дивизија А каде што настапуваат најдобрите 16 играчи, на овој турнир кој се одигра во Сарај, триумфираше токму Ѓурчиновски, а неговиот ривал и претходно двократен шампион на Македонија, Христо Василевски, со пласманот на третото место не успеа да го одбрани тронот. Второпласиран на овој турнир е Блендијан Ќазими, поранешен младински репрезентативец во снукер, кој со ова воедно се избори и за третото место во генералниот пласман, пред Златко Ицановски.
Со ова Ѓурчиновски уште еднаш ја покажа својата зрелост која ја демонстрираше претходно оваа година и на Европското првенство во младинска конкуренција кое се одржа во Словенија, каде што го освои сребрениот медал. Со ова тој станува најмлад шампион на Македонија во билијард, освојувајќи четири од седумте турнири во државното првенство. Дека оваа година тој навистина направи голем исчекор, потсетува и фактот дека претходно го освои и Купот на Македонија во билијард.
Во Дивизијата Б, на овој турнир победник е Димитар Лукревски од БСК Гран Клуб, финалист Берат Јашари исто од Гран Клуб, додека на третото место се двајцата полуфиналисти, Дане Крстевски од Пауер Бол Струмица и Диели Весели од Голден Бол Тетово.
Најдобрите играчи во генералниот пласман се квалификуваа за настап во елитното друштво идната година: победникот во Б дивизијата Мирсад Зекири, а со него и Диели Весели, Дејан Сипковски и Димитар Лукревски.
До крајот на годината треба да се одиграат и јуниорскиот турнир, како и турнирот за ветерани, а завршницата ќе биде со одигрување на екипно првенство.










