Македонската ракометна репрезентација стартуваше со подготовките за Европското првенство кое во јануари ќе се одржи во Хернинг. Селекторот на нашиот национален тим, Кирил Лазаров и неговите момци ќе имаат тешка задача, играат против светскиот и олимписки првак, Данска, Португалија и Романија.
„Континуитетот го имаме, пак сме на едно големо натпреварување, тоа е Европското првенство, што е нормално за македонскиот спорт, за навивачите. Ја добиваме поддршката во изминатите децении, таму се најдобрите репрезентации во Европа. Може да кажам дека ЕП е дури и поквалитетно од СП, така да имаме што да атакуваме. Нема да се жалиме, групата е таква каква што е, не можевме да добиеме поквалитетна група кога сме во трет шешир, прашање беше само дали ќе ја добиеме Данска, Франција или Германија. Го имаме од првиот шешир светскиот и олимписки шампион, од вториот шешир ја добивме Португалија која на последното првенство играше полуфинале и се бореше за медал. Трет ривал е Романија. Спортски е да се надеваме, да се бориме, да го дадеме најдоброто од нас. Ќе имаме квалитетни подготовки овозможени од РФМ да се спремиме. Составот е тој според стандардните, ќе ни фали Милан Лазаревски кој се уште не е долечен и нема натпревар оваа сезона, така што шанса добија други играчи“, рече Лазаров на денешната прозивка.
Што се однесува до прогнозите, предводникот на нашиот најдобар национален тим вели дека нивна задача ќе биде да го дадат најдоброто, цврсто да газат по земја.
„Наше е да се спремиме и да го дадеме најдоброто од нас. Не е коректно и реално да даваме преоптимистички изјави, туку да ветиме дека ќе го дадеме најдоброто од нас, а ќе видиме тоа за што ќе биде доволно. Против нас ја имаме Данска која е домаќин, Португалија со ракомет во подем и генерација која созрева. Ние полека ја променивме селекцијата, големиот дел од играчите се истите што настапуваа на Светското првенство. Поискусни за една година. Имаме доволно време и мораме да бидеме умерени оптимисти иако ситуацијата не е таква за да бидеме такви. Романија нема да ја потцениме, имаме максимален респект за нив, се работи за селекција со традиција. Можеби во последно време тимот не е она што беше, но ние ќе имаме почит.“










