Македонската ракометна репрезентација денеска означи старт на подготовките за пласман на Европското првенство 2026 година. Нашите момци ќе играат против Данска, Португалија и Романија. На последното Светско првенство испратија порака до македонската јавност дека имаат квалитет, само е потребна поддршка.
Капитенот, Филип Кузмановски најави битка и во Хернинг, каде навистина ги чека вистински „пекол“, особено против Данска и Португалија.
„Најпрво, среќен сум што пак ќе бидеме дел од репрезентацијата и мислам дека ова е најубавиот дел од годината, кога сите играме и се бориме за Македонија. Пред нас е Европското првенство, имаме тешка група, но и самите имаме свои квалитети и некои шанси. Ќе се бориме, одиме чекор по чекор, имаме доволен период да се спремиме и да анализираме. Ни следат подготовки и пријателски натпревари, треба да бидеме максимално спремни за овој настан. Оваа селекција е уште позрела од другите години и секоја година покажуваме квалитет. Македонското првенство исто го подигна нивото на играчите, имаме повеќе дербија и сите играчи што играат во националниот тим имаат свои улоги во клубовите. Тоа ќе биде предност за нас како репрезентација“, изјави Кузмановски.










