Женски Спортски Приказни: Инспирираме, Мотивираме и Охрабруваме!

90

Марија Ковачева

Почитувани читатели,

Како општествено одговорна компанија, со огромно задоволство на стартот на новата 2026 година ви најавуваме посебен проект во „СпортСпорт“ – „Женски спортски приказни“.

Како една од ретките жени спортски новинарки со долгогодишно искуство во спортот, почувствував потреба да создадам простор кој ќе биде посветен токму на дамите – на нивните борби, победи и упорност.

Овој проект ќе биде место каде што женскиот спорт ќе биде во преден план, но нема да бидат исклучени ниту соговорници од посилниот пол.

Нашата цел е преку интервјуа и силни приказни да ги мотивираме сите дами кои некогаш сакале да направат чекор напред, а од која било причина не успеале да го следат својот сон.
Заедно со мојот тим сакаме да инспирираме, да мотивираме и да охрабруваме.

Ќе се обидеме да бидеме оригинални во секоја приказна. Ќе раскажуваме за жени кои блескаат, кои уриваат бариери и го менуваат спортот. A секоја нивна приказна ќе биде – мал триумф за сите нас.

Заедно ќе се обидеме да решаваме проблеми и да допреме до највисоките спортски институции. Гласот на жените ќе биде слушнат и почитуван. Ќе правиме анализи, ќе имаме супер соговорници…

Токму затоа ги повикуваме сите клубови, федерации, тренери, спортистки и спортски работници заедно да придонесеме за подобро утре во женскиот спорт.

Добредојдовте во „Женски спортски приказни“.

 

***Во мое име, и во името на редакцијата на „СпортСпорт“, посебно сакам да им се заблагодарам на Фудбалската федерација на Македонија, Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за овој проект и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашиот главен партнер ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноСРЕЌНИ ПРАЗНИЦИ: Завршува една година, продолжува нашата спортска приказна!
СледноВембањама блескаше како Јокиќ, потоа се повреди исто како Србинот (ВИДЕО)