Едно фото а милион зборови: Цапар, Милко, Илија и Дарко на меч меѓу “вечните“ ривали во Белград!

102

Дека Македонија во тие 80-ти години од минатиот век имала и тоа какви фудбалерчишта, доказ е оваа фотографија на која се Драган Канатларовски – Цапар, Милко Ѓуровски кој сосема малку се гледа, Илија Најдоски и Дарко Панчев. Недостига и петтиот а тоа е Вујадин Станојковиќ. Се се тоа легенди на мак – фудбалот, кои важеа за големи ѕвезди во некогашната држава и членови на Партизан (Милко и Станојковиќ) и Ц. Звезда (Панчев, Најдоски и Канатларовски).

Ова фото е од една средба меѓу “вечните“ ривали во таа сезона 1989-90 во која во најголемите клубови во екс – Југославија во исто време имало петтмина Македонци, од кои четворица се на ова фото.

Можеби некому звучи чудно, но Милко пред четири децении беше мега – ѕвезда. По минати седум години на “Маракана“, во јули 1986 направи вистински “земјотрес“ со трансферот во Партизан. Верувале или не, вечерта за првпат во историјата на ЈРТ, прва вест на ТВ дневникот беше еден трансфер, тој трансферот на Милко.

За Дарко Панчев и Илија Најдоски и малите деца знаат дека во таа 1991 година беа европски светски прваци со Ц. Звезда. Цапарот беше меѓу “црвено – белите“ само таа сезона 1989-90, а Станојковиќ по блескавите игри во „црно – белиот“ дрес беше и на СП 1990 во Италија како и Панчев, а во тоа време и еден Реал Мадрид се интересирал за Вујо. Тогаш за време на Мундијалот во Италија во кампот на селекцијата на тогашна Југославија едно попладне биле во посета Алфредо ди Стефано и Хуанито, како претставници на “Кралевите“ да преговараат со Вујо. Легендата вели дека тоа попладне покрај езерот Лаго ди Гарда близу Верона, имало договор, но сепак Станојковиќ никогаш не го облече белиот дрес на најголемиот клуб во светот.

ПретходноФФМ ги одбра своите „2025“ моменти (ВИДЕО)
СледноШокантни вести од Бразил: Роберто Карлос на итна операција на срцето