Интервју со хероината Ема Никочевиќ: Си поставив јасна цел – да се вратам онаму каде што припаѓам!

150

✍ Марија Ковачева

Првото интервју во „Женски Спортски Приказни“ и припаѓа на една посебна дама. Дама која зрачи со позитивна енергија, дама која со нејзината приказна ќе ве мотивира да зачекорите посигурно на патот кон исполнување на сонот, дама која ќе ве натера поцврсто да го зграбите сето она што ви го пружа животот.

Ема Никочевиќ, дефинитивно е хероина, не само во македонскиот спорт, туку и во светски рамки. Првата македонска кошаркарска судијка со значка на ФИБА зад себе има година која и постави тежок животен предизвик. Ема ја доби најголемата битка, го победи туморот на мозок и после само месец и пол се врати на терените. На 23 јуни се оперираше, веќе во август судеше пријателски натпревар, додека во септември го положи физичкиот тест за да може да продолжи да ја дели правдата на кошаркарските терени.

Нејзината упорност и борбеност се пример  дека никогаш не треба да се откажуваме, ниту во моментите кога се чини дека не постои решение.

Ема е една од седумте македонски судијки во нашата кошарка. Таа зад себе има два меѓународни турнири и ја дели правдата во машката Супер-лига кај нас. По професија е физиотерапевт, но во овој момент работи во Кошаркарската Федерација на Македонија.

🏀Пред седум месеци животот ти го постави најголемиот предизвик. Успеа да ја добиеш       најголемата битка и да се вратиш на терените. Како успеа да се држиш исправено и што беше клучно за да ја видиме Ема за кратко време повторно на терен?

„Пред сè, благодарение на менталната сила и огромната поддршка од моите најблиски. Во тој период имав номинации за Мали олимписки игри што се одржуваа во Куманово и за Европското првенство за жени до 16 години во Истанбул. Имав голема желба да ги судам тие натпревари.

За жал, не успеав да учествувам на Малите олимписки игри, бидејќи периодот после операцијата беше премногу краток. Но, затоа работев секој ден на себе и целосно се подготвував за Европското првенство. Имаше тешки моменти, но си поставив јасна цел – да се вратам онаму каде што припаѓам. Спортот ме научи дисциплина, трпение и верба, и токму тоа беше клучно за моето закрепнување“.

🏀Ема, ти си пример за вистински борец, испрати порака дека не постојат бариери што не можат да се урнат. Која е твојата порака до сите женски спортистки, но и до сите што се соочуваат со слични проблеми?

„Никогаш да не се откажуваат од себе. Ниту една дијагноза, ниту еден страв не е посилен од човечката волја. Бариерата најчесто е во нашата глава – кога ќе ја надминеме, сè друго станува возможно“.

🏀Годината ја заокружи на најубав можен начин – со признанија за најдобра судијка од Македонскиот Олимписки Комитет и од Кошаркарската Федерација. Колку ти значат овие награди?

„Многу ми значат. Тие се потврда дека трудот, жртвата и истрајноста се препознаваат. За мене, овие признанија не се само награди, туку силен мотив да продолжам уште посилно и посветено“.

🏀Да се вратиме чекор наназад. На само 21 година доживеа сериозна повреда. Како изгледаше тој период и како дојде одлуката да се посветиш на судењето?

„Точно, на 21 година доживеав повреда – скинат вкрстен лигамент. Но, тоа не беше моментот кога се откажав од активното играње кошарка. После осум месеци рехабилитација, повторно се вратив на теренот.
Во тој период престојував во Шведска, каде што истовремено и играв и судев. По враќањето во Македонија продолжив да играм и ја информирав Кошаркарската федерација дека имам судиско искуство од Шведска. Ми беше дозволено во период од една година паралелно да играм и да судам.

Во 2019 година дојде моментот кога морав да изберам – дали ќе продолжам како кошаркарка  или целосно ќе се посветам на судењето. Донесов одлука да се насочам кон судиската кариера, бидејќи како играч, веќе со 24 години, беше тешко да се гради сериозна кариера, додека судењето ми отвораше можност за нов почеток и напредок“.

🏀И денес, не само кај нас, туку и во светот, постојат стереотипи кога на теренот има жена судијка. Со какви ситуации си се соочувала и дали некогаш помисли да се откажеш?

„Секако дека имало предизвици, но никогаш не помислив да се откажам. Со знаење, конзистентност и јасен став се гради респект. Времето покажа дека авторитетот нема пол“.

🏀Во 2023 година стана првата македонска кошаркарска судијка со ФИБА значка. Колку е тежок патот до вакво остварување?

„Патот до ФИБА лиценца е тежок и бара години посветена работа, континуирано усовршување и искуство на највисоко национално ниво. ФИБА има отворени врати за жените, а зелена лиценца, наменета само за жени, им овозможува да судат меѓународни натпревари по исполнување на сите физички, теоретски и судиски критериуми. Можноста доаѓа само кога си подготвена и имаш докажано искуство“.

🏀Што е најважно за една жена да биде прифатена, респектирана и авторитетна на теренот – знаењето, карактерот или менталната сила?

„Знаењето е основата – кога добро ги познаваш правилата и донесуваш сигурни одлуки, другите ти веруваат. Но, авторитетот вистински се гради со комбинација од карактер и ментална сила: карактерот покажува интегритет и стабилност во тешки моменти, а менталната сила помага да се справиш со притисокот и предизвиците“.

🏀По професија си физиотерапевт. Колку ова знаење ти помогна во процесот на закрепнување и враќање на теренот?

„Многу, особено во рехабилитацискиот процес. Знаењето ми даде дополнителна сигурност, но најважни беа дисциплината и вербата дека повторно ќе се вратам на терен“.

🏀Покрај кошарката, имаш ли друго хоби? Како го поминуваш слободното време?

„Сакам да поминувам време со блиските, да бидам физички активна и да создавам моменти што ми носат мир. Балансот во животот е исклучително важен“.

🏀Кои се твоите амбиции за 2026 година?

„Континуитет, добро здравје и нови предизвици на меѓународно ниво. Сакам постојано да напредувам – и како судијка и како личност – и да стекнам повеќе искуство на меѓународни натпревари“.

🏀Твоја порака до сите жени кои се на почетокот или се двоумат дали да станат судијки?

„Да веруваат во себе и да не чекаат дозвола од никого. Патот не е лесен, но вреди. Ако имаш страст, дисциплина и љубов кон спортот – местото ти е на теренот“.

____________________________________________________________________

***Во мое име, и во името на редакцијата на „СпортСпорт“, посебно сакам да им се заблагодарам на Фудбалската федерација на Македонија, Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за овој проект и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашиот главен партнер ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноВембањама блескаше како Јокиќ, потоа се повреди исто како Србинот (ВИДЕО)
СледноНејмар – сè ќе направи за Светското првенство