Според пишувањата на турските медиуми, екипата на Коџаелиспор сериозно почна да ги разгледува можностите за продажба на македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов. Весникот „Озгур Коџаели“ пишува дека Чурлинов не ги исполнил очекувањата на клупското раководство, кое изминатите денови сериозно разгледува опции за завршување на соработката со него.
„Дарко Чурлинов кого Коџаелиспор го потпиша на почетокот на сезоната со големи надежи, не успеа да ги испорача очекуваните перформанси за зелено-црниот тим. Крилниот напаѓач, од кој се очекуваше да направи разлика со својата брзина и ефикасна игра еден на еден, покажа неконзистентна форма во лигашките и куп натпреварите. Техничкиот персонал не е задоволен од перформансите на играчот и тоа го забрза процесот на евалуација. Раководството на Коџаелиспор се подготвува да донесе одлука во врска со иднината на 25-годишниот македонски фудбалер. Се наведува дека доколку се добие сериозна понуда за трансфер за Чурлинов и техничкиот персонал ја одобри, може да се разгледа продажбата на играчот“, пишува весникот.
Зимскиот преоден рок во Турција се затвора в петок на 6 февруари. Чурлинов оваа сезона има 12 одиграни натпревари за Коџаелиспор во турската Суперлига без постигнат гол.










