ЛК: Со дебакл во Самсун заврши европската БАЈКА на Шкендија! (ВИДЕО)

160
ФОТО:.facebook.com/samsunspor

Самсунспор – Шкендија 4:0 е исходот од вечерашниот реванш меч во нокаут – фазата во плеј – офот во Лигата на Конференции, или вкупно 5:0. Со тоа заврши европската бајка за нашиот шампион кој траеше од јули па до вечерва. Шкендија нема што да жали, може да биде горда на се она што го направи оваа сезона во Европа.

Шкендија иако вечерва доживеа дебакл, сепак треба да се каже дека до 55-60. минута одигра сосема солидно, храбро се бореше, сепак Самсун е некоја друга димензија. Стрелци на головите беа Нчам од пенал, Ндиај и Мариус два и сите во второто полувреме.

Па така Самсунспор во 1/8 финалето ќе се сретне со Рајо Ваљекано или Шахтјар Доњецк.

Шкендија овој меч го почна агресивно, со висок пресинг, едноставн не му дозволи на домашниот состав во првите 2-3 минути да искочи од својата половина. Имаше тука и една мешаница пред голот на Кочук ама Ндзенгуе не се снајде најдобро. Но затоа напаѓачот на тетовци во 7.минута беше во шанса, шутираше под пречката, но домашниот голман со фантастична парада го одбрани својот гол. Претходно домашните преку Нчам по првпат се заканија, но Гаје беше на своето место.

Како што одминуваше времето Самсунспор полека, но сигурно го имаше поседот, но тоа беше игра претежно на средината од теренот. Новата закана домашните ја упатија преку Мариус кога биеше со глава, но тоа беше слаб удар за да се совлада Гаје. Во последната минута од првиот дел, Холсе од изгледна ситуација шутираше силно по средината на голот на Шкендија, ама Гаје успеа да го одбрани тој удар.

Па така со тие 0:0 се замина на пауза.

ПЕНАЛ И ВОДСТВО НА САМСУНСПОР

Се играше 51.минута кога по една мешаница пред голот на Шкендија, Трумчи направи фаул врс Асуму, а судијата Симоне Соца веднаш покажа на белата точка. Ако Шериф Ндиај во Скопје на првиот меч од белата точка шутираше над голот на Гаје, сега Нчам беше сигурен. Гаје го процени тој удар, се фрли на вистинската страна, но сепак не успеа да го спаси својот гол. Па така Самсунспор поведе со 1:0 во 53. минута. (ВИДЕО)

Јасно беше дека овој гол и тоа како по малку ги депримира фудбалерите на Шкендија. Така е кога ќе примиш гол на ваков начин. Фудбалерите на нашиот шапмпион се бореа, сакаа израмнување, тргнаа и во напад, но сепак по овој гол некои работи беа појасни. Се виде дека Самсунспор и тоа како е силен, квалитетен состав кој знае да ја казни секоја грешка на противникот. Во 61.минута во игра влезе и Бесарт Ибраими на местото на Себастијан Спахиу. Јасна беше определбата на стратегот Јетон Беќири.

Се играше 71.минута кога Асуму му асистираше на Ндиај на кого не му беше тешко да го совлада Гаје за 2:0. По овој гол играта на Шкендија целосно се распадна. И тој гол на Мариус за 3:0 не беше изненадување, а во судиското продолжение уште еден за конечни 4:0.

Убедлива и заслужена победа на Самсун.

Лига Конференции (плеј-оф) реванш (1:0 првиот меч)

САМСУНСПОР – ШКЕНДИЈА 4:0 (0:0)

Стадион „Самсун“ во Самсун. Судија: Симоне Соца (Италија). Стрелци: Нчам (п) 53, Ндиај 71. Мариус 79., 90+2. (САМ).

САМСУНСПОР: Кочук, Зеки Ваври (75. Мендес), Шатка, Ван Дрогелен, Томасон (86.Гонул), Холсе, Макумбу, Нчам, Асуму, Мариус, Ндиај (75. Јуксел).

Тренер: Торстен Финк.

ШКЕНДИЈА: Гаје, Трумчи, Фетаи (77. Красниќи), Мелиќи, Вебстер, Ислами, Зејнулаи (76. Крстевски), Тамба, Спахиу (61.Ибраими), Љатифи (77.Љатифи), Ндзенгуе (77.Алхасан).

Тренер: Јетон Беќири.

На останатите реванш мечеви од ЛК, Ријека со 3:1 славеше против Омонија и се пласира понатаму, Цеље ја победи Дрита со 3:2  оди во осминафиналето а Јагелонија како гостин ја победи Фиорентина со 0:3, но таму ќе се играат продолженија ако се знае дека на првиот меч во Полска тимот од Фиренца славеше со 0:3.

ПретходноАморим оди во Бразил, преговара со Васко де Гама
СледноЛЕ: Штутгарт и Ференцварош во осминафинале, продолженија во Белград и Плзен (ВИДЕО)