Сефте победа во „Градски Парк“: Македонија и натаму е класа за Луксембург (ФОТО)

140

Македонската кошаркарска репрезентација ја запиша третата победа во претквалификациите за пласман на Европското првенство 2029 година. Нашите кошаркари повторно покажаа дека се класа за Луксембург, го совладаа со 79-70 дебито на шпанецот Хозе Марија Берокал. Овој дуел се играше во салата „Градски Парк“, и беше прв после реновирањето.

Јакимовски беше лидер на теренот постигна 17 поени и 17 скока, зад него беше Хап со 15 поени и 14 скока, Ефремовски имаше 13 поени.

Следен противник на Македонија во овој прозорец е селекцијата на Азербејџан, дуел кој го играме на гостински терен во понеделник.

Во првата четвртина нашите кошаркари иако не блексаа и имаа проблем со одбраната особено во првите пет минути, сепак го контролираа резултатот. Отворивме со 3-0, па поведовме со 5-2, со поените на Јакимовски и Хап. Токму слабата дефанзива беше причина за да Луксембург поведе со 10-11, но Македонија брзо се врати. Со серија од 7-0 поведе со 17-11. После првите десет минути резултатот беше 25-17.

После три минути игра во втората четвртина, Војдан Стојановски го донесе првото двоцифрено водство на мечот (29-19). Нашите кошаркари во продолжение покажаа зошто се фаворити на оваа средба, во 17-та минута со поените на Ефремовски дојдоа на плус 14 (38-24). На одмор резултатот беше 44-32.

Добра игра за нашата репрезентација во првите пет минути од третата четвртина, со поените на Мекиќ од линијата за слободни фрлања „црвено-жолтите“ дојдоа на плус 20 (54-34). Сепак овој налет не го демотивираше противникот, со серија од 14-2 намали на 56-47. Ѓуроски погоди важна тројка за 59-47. На стартот на последната четвртина, Македонија ја задржа двоцифрената предност од 59-49.

После три минути игра, Македонија дојде на плус 15 (67-52) потврдувајќи дека овој меч ќе заврши само со едно сценарио. До крајот нашите кошаркари ја задржаа позитивата за нова победа во овие претквалификации. Печат стави одличниот Ефремовски кој со четвртата тројка зголеми на 74-60 на нешто повеќе од две минути до крајот.

ПретходноНестор “тресе“ за победа на Славен Белупо!
СледноБерокал: Оваа победа е многу важна за нас и за мене на моето деби како селектор!