Дерби пресметката со актуелниот лидер Вардар доаѓа во вистински момент за шампионот Шкендија. Тетовскиот тим е во одлична пролетна серија, победи на сите натпревари во вториот дел од сезоната, ги заврши настапите во Европа, и сега максимално може да се фокусира кон домашниот шампионат. Свесни се и од таборот на тетовскиот тим дека ако сакаат да ја одбранат титулата, дека ќе мора да бркаат победа на денешниот дерби меч.
Во моментов разликата е четири бодови, а од таборот на Шкендија се свесни дека ова е шансата да му се доближат на ривалот за шампионскиот трофеј, и во последниот дел од сезоната да се борат за одбрана на тронот.
Крилниот играч Лиридон Љатифи очекува вистинска дерби битка на теренот, и вели дека ваквите дербија секогаш даваат дополнителна мотивација.
„Имавме неколку тешки натпревари изминатиот период како во домашниот шампионат, така и во Европа. Но, сега оставаме се зад себе, и максимално се фокусираме кон дербито.Не очекува многу важен натпревар, и се надевам дека ќе заврши во наша корист“, вели Љатифи и додава:
„Против Пелистер покажавме карактер, и од 0-1, го свртевме мечот во наша корист. Многу е тешко кога се губи на крајот да се извлече победа. Меѓутоа тоа за нас е дополнителна мотивација и се надевам дека таа мотивација ќе ја искористиме и на дербито. За нас не е важно каде ќе се игра. Единствено нешто што посакуваме е да имаме еднакви услови со противникот. Се надевам дека ќе имаме добар терен за фудбал, и дека ќе имаме што да покажеме. Теренот нека покаже кој е најдобар“, рече играчот на тетовските „црвено-црни“.















