Ако на домашен терен екипата на Силекс не го почна пролетниот дел најдобро, и нема ниту една победа со исход од едно реми и еден пораз во ПМФЛ, на гости кратовскиот тим подобро се снаоѓа.
Оствари триумф на гостувањето во Струга, а победи и во Кавадарци против Тиквеш пред неколку дена. Експедицијата сега се сели во Битола, каде што гостува кај Пелистер.
Битолскиот тим брка бодови за опстанок, Силекс е сигурен на четвртата позиција, но има намера до крај да се бори за влез во топ 3 екипите во Првата лига.
„Играме против Пелистер, кој е во ситуација каде му се неопходни бодови за опстанок, а за такво нешто сигурно ќе се прашува и Силекс. Пелистер игра добро, и пред својата публика ќе ги сака бодовите. Можеби домашниот терен е мала предност на противникот, но Силекс е најдобриот гостин и сигурно ќе се прашува за исходот на овој натпревар. Ги анализиравме, играа добар меч со Шкендија, а Силекс треба да го потврди својот квалитет како и на претходниот меч, и да дојде до победата. Се надевам дека ќе дојдеме до трите бода“, изјави играчот на Силекс, Дарко Додев.















