Најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната во Првата лига за жени, Наковски волеј со 3:1 (25:18, 22:25, 25:19, 25:21) го победи актуелниот шампион Јанта Волеј во првиот полуфинален дуел од плејофот кај дамите.
Слично како и во претходните меѓусебни дуели и на овој меч видовме голема борба, но константноста во играта која е одлика на девојките на Наковски сезонава одново беше клучен фактор за победата.
Работнички, пак, направи брејк со прва победа од 3:0 (25:22, 26:24, 25:16) во полуфиналето на плејофот против Младост УГД. Првите два сета понудија поголема неизвесност иако гостинките ја имаа иницијативата, додека штипскиот тим се потруди да понуди силен отпор.
Особено интересно беше во финишот на вториот сет кога беше егал 24:24, но Работнички Скопје “врза” два поени за 26:24 и водство од 2:0. Тамара Стојанова со 14 поени, Марија Василевска со девет и Андротеа Милевска со осум поени беа најефикасни во победничкиот тим.
Реваншите се на програмата во понеделник во Скопје.










