Кошаркарите на Работнички остварија многу важна победа на патот до потврда на место во елитата и следната сезона. Вечерва во Градски Парк, Работнички славеше на мечот со Чаир со 94:83, со што остануваат во тројката на табелата која е најблизу до обезбедување на опстанок.

Натпреварот започна со израмнета партија, откако и двата тима покажаа ефикасна игра во нападот за егал ситуација по воведните 10 минути (22:22). Во вториот период Работнички додаде „гас“ и успеа да се одлепи, па на полувреме направи пристојна разлика од 13 поени (53:40).
Во вториот дел Чаир покажа дека нема лесно да го положи оружјето. Успеа да ја добие третата четвртина со 4 поени разлика и да намали на 72:63. Со оваа предност од 9 поени домашните влегоа во одлучувачките 10 минути, во кои гостите не успеаја да најдат против игра, па домашните умешно ја задржаа разликата за конечна победа.

Виктор Ефремовски одигра фантастичен меч со 28 постигнати поени, а притоа имаше и 6 скока и 5 асистенции. Грушановиќ заврши со 17, а Рикиќ со 16 поени. Кај Чаир Тачи финишираше како најефикасен со 22 поени.










