Една голема ера завршува. По 10 години на клупата на „граѓаните“, Пеп Гвардиола веројатно ќе го напушти Манчестер Сити на крајот од оваа сезона.
Иако сè уште ништо официјално не е потврдено, се очекува легендарниот стручњак наскоро да го објави своето заминување од клубот, а веќе е познато кој ќе го наследи. Главен кандидат е Енцо Мареска.
„Се очекува Пеп Гвардиола да ја напушти функцијата менаџер на Манчестер Сити на крајот од сезоната. Енцо Мареска е главен кандидат за наследник, но сè уште ништо не е договорено“, објавија англиските медиуми, додавајќи:
„Сите во клубот очекуваат тоа да се случи. Има преговори за именување трибина на „Етихад“ во чест на Пеп.“
Пеп има договор до јуни 2027 година, но многу е поверојатно дека ќе се повлече од функцијата менаџер на „Граѓаните“.
Енцо Мареска работеше како менаџер на Челзи во последните две години. Тој беше отпуштен во јануари оваа година, а ги предводеше „Сините“ до трофеи во Конференциската лига и Светското клупско првенство.
Претходно ги водеше Лестер, кој го донесе во Премиер-лигата, и Парма, но доаѓањето во Сити дефинитивно би бил најголемиот можен предизвик. Тој веќе беше дел од тренерскиот штаб на Пеп Гвардиола, како и тренер на младинските екипи, и знае што го чека.
Пеп Гвардиола ќе биде запаметен како најголемиот менаџер на Сити на сите времиња. Освои сè што можеше со овој клуб и досега има 19 трофеи.
Пеп ги предводеше „граѓаните“ во дури 687 натпревари. Има рекорд од 420 победи, 75 нерешени и 92 порази.
Се очекува конечна одлука да биде донесена во наредните недели, за Сити да има доволно време да го подготви теренот за промена на клупата.
Клубот е свесен дека е невозможно целосно да се замени влијанието на Гвардиола, но веруваат дека Мареска, со постојната структура и спортскиот сектор, би можел да овозможи транзицијата да биде што е можно побезболна.










