Изабела Цепак доби пасош на Македонија: Со нетрпение очекувам нови предизвици и медали под македонското знаме

169

Младата и талентирана борачка Изабела Цепак официјално станува дел од македонското спортско семејство и ќе ги брани боите на Македонија во борење на претстојните меѓународни натпреварувања, соопшти денеска Олимпискиот комитет на Северна Македонија.

Таа доаѓа со одлично искуство и забележителни резултати од САД, каде што настапувајќи за средното училиште „Саут Лајон Ист“ во Мичиген забележа импресивна сезона со 33 победи – од кои дури 29 со туш. Нејзиниот квалитет е потврден и со бројните државни и регионални признанија кои ги освои минатата година, вклучувајќи државно првенство во Мичиген (прво место) и второ место на национален турнир.

Во своето прво официјално интервју, Цепак ги истакна своите високи амбиции и посветеноста кон остварување врвни резултати. Таа потенцираше дека нејзиниот фокус е ставен на интензивните технички и кондициски тренинзи, како и на менталната подготовка, дисциплината и превенцијата од повреди со цел остварување на јасните краткорочни и долгорочни цели.

„Со нетрпение очекувам нови предизвици и медали под македонското знаме. Ќе дадам сè од себе за да ја претставам Македонија со гордост,“ изјави Цепак, изразувајќи голема благодарност до тренерскиот тим и навивачите за поддршката.

 

ПретходноНатпреварувачка комисија при ФФМ: Покрената дисциплинска постапка против ФК Тиквеш
СледноЖФК Скопје 2014 е првак на Македонија