Кузманоски, Галевски и Проданоска со силни пораки од Плазма Спортските игри за млади

38

Плазма Спортските игри за млади од оваа година за првпат се одржуваат во Македонија, носејќи со себе една исклучително важна мисија – бесплатен спорт за секое дете. Но, овие игри се многу повеќе од натпреварување и резултати. Тие се место каде што младите учат што значи да се биде дел од тим, како да се почитува противникот и како преку играта се градат вистинските животни вредности.

Преку спортот, децата растат не само како спортисти, туку и како личности, учат за почит, толеранција, пријателство и фер-плеј. Токму тие вредности се темелот на СИМ.

„Денот на спортот“, кој е во рамките на Плазма Спортските игри за млади, досега се одржа во Скопје, Куманово, Штип, Кочани, Струмица, Велес, Кавадарци, Прилеп и Битола, а ќе продолжи во Охрид и Тетово.

Во секој град дел од овој значаен спортски настан се сегашни и поранешни спортисти кои придонеле и сè уште придонесуваат за Македонија.

Во Прилеп гостин беше Горан Кузманоски, поранешен ракометен репрезентативец и актуелен селектор на македонската кадетска репрезентација. Токму тој, заедно со кадетите, го освои златниот медал на Светското училишно ракометно првенство кое се одржа во Скопје.

„Благодарност до Плазма Спортските игри за млади што го одбраа Прилеп за домаќин на „Денот на спортот“. Ова е градот каде што ги направив првите чекори, град од кој излегле многу спортисти и репрезентативци, не само во ракомет, туку и во други спортови. Преку Игрите младите ќе можат да се пронајдат себеси во спортот и да изградат дисциплина и култура. Се надевам дека Плазма Спортските игри за млади ќе станат традиција, бидејќи се веќе познати во Европа. Благодарност до градоначалникот и до претседателката Елена Мицковска за оваа прекрасна организација и за масовната посетеност.

Морам да напоменам дека пред еден месец во Скопје се одржа Светското училишно првенство во ракомет. Јас, како селектор, заедно со кадетите имавме амбиции да освоиме медал – и успеавме, ја освоивме шампионската титула, додека кадетките освоија сребрен медал. Тоа е одличен почеток на спортски план за Македонија во оваа 2026 година. Имавме одлични услови, нешто што јас кога почнав да тренирам ракомет го немав“, рече Кузманоски.

Иван Галевски е еден од нив. Македонскиот репрезентативен голман и член на РК Алкалоид беше дел од „Денот на спортот“ во Битола, каде заедно со Весна Дунимагловска и Оливера Бикова го донесоа факелот и симболично го означија стартот на СИМ.

Галевски, кој зад себе веќе има европска титула во ЕХФ Европскиот куп и Купот на Македонија со Алкалоид, вели дека неговите почетоци се токму од основно училиште и ги поздрави Игрите.

„Почнав со ракомет од мојата десетта година, во основно училиште. Плазма Спортските игри за млади се за секоја пофалба, бидејќи ги поттикнуваат младите да се занимаваат со спорт и да градат здрави навики.“

Важноста на Плазма Спортските игри за млади ја истакна и Даниела Проданоска, олимпијка во атлетика (Сиднеј 2000).

„Нешто слично на вакви Игри и јас ја започнав мојата кариера. Децата имаат можност да го почувствуваат спортскиот дух и дружењето. Спортот има големо влијание во формирањето на децата како личности и во градењето на нивните вредности, кои се многу важни во понатамошниот живот.“

Плазма Спортските игри за млади обединуваат илјадници деца низ цела Македонија. Победниците на Државното првенство ќе имаат можност да се дружат со најдобрите од Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина на големото финале кое од 17 до 22 август ќе се одржи во Сплит.

ИГРИТЕ СЕ ЗАКОН

Повеќе информации за Плазма Спортските игри за млади можете да прочитате на: https://sportskiigrizamladi.com/

ПретходноНов удар за Рикелме: И Клоп демантираше дека доаѓа во Реал Мадрид!
СледноНа спектакуларен начин ги испратија на СП, а потоа следуваше кошмар!(ВИДЕО)