Интервју со Дуња Иванова: Спортот и музиката кај мене не се спротивности, туку рамнотежа

62
Фото: Архива Дуња Иванова

Зоран Ѓоршоски

Многу различности, а сепак сличности. Да се биде шампион во планински велосипедизам и врвен спортист, да се биде доктор на науки по филозофија, автор на голем број публикации и книги од областа на естетиката, магистер и наставник по пијано, е навистина нешто посебно. И сето тоа во една личност, во Дуња Иванова. Навистина секоја чест и едно големо БРАВО. Таа е една од оние жени кои знаат што сакаат и знаат како да дојдат до целта.

Токму затоа во нашата рубрика „Женски Спортски Приказни“ направивме интервју со Иванова, која во свој стил на еден посебен начин ги објаснува работите, кои се веќе препознаени и објаснети на прв поглед кога ќе ја запознаете.

Дуња е отворена, искрена, посебно кога станува за спортот, за планинскиот велосипедизам, за нејзините успеси, кои се бројни. Има свој став, знае да искритикува на еден суптилен начин, но знае и да пофали со воодушевување.

Комплетна личност во секој поглед, знае да ужива во животот кој секогаш е исполнет со предизвици. Тоа е Дуња…

Секако дека Дуња е горда на последниот историски успех на третата рунда од HERO UCI Marathon World Cup во Андора, со што обезбедивте директна квалификација за Светското првенство во планински велосипедизам Маратон (ХСМ), кое годинава ќе се одржи во Италија. Како беше во Андора?

“Андора беше едно исклучително искуство, особено затоа што првпат се соочував со натпревар на толкава надморска висина. Стартот беше на околу 1650 метри, а патеката се искачуваше до 2300 метри, што само по себе претставува сериозен физиолошки предизвик. Недостигот на соодветна  адаптација на реткиот воздух беше еден од најголемите предизвици. Телото едноставно реагира поинаку на таа висина и секој напор се чувствува посилно. Патеката беше сериозна, со стрмни технички искачувања, карпести делови и брзи немилосрдни спустови. Во тие услови нема простор за грешка и секој момент бара целосна концентрација, вештина и беспрекорна изведба. Андора е место што истовремено те тестира и те инспирира, а пласманот меѓу првите 20 на Светскиот куп ни обезбеди и директна квалификација за престојното Светско првенство во Италија. Овој резултат е доказ дека конзистентноста, дисциплината и посветеноста на луѓето кои се дел од мојот тим се еднакво важни како и личниот труд. Без нив, ниту еден врв не би бил достижен“.

 

МОТИВАЦИЈАТА ЗА МЕНЕ НИКОГАШ НЕ Е ЕДНА ТОЧКА, ТУКУ ПРОЦЕС ШТО ПОСТОЈАНО СЕ НАДГРАДУВА

Која е мотивацијата на Дуња да се занимава со вака исклучително тежок спорт, исполнет со многу адреналин, посебно за понежниот пол? Од каде ја црпи инспирацијата?

“Мотивацијата за мене никогаш не е една точка, туку процес што постојано се надградува. Планинскиот велосипедизам е спорт што постојано те става во нови ситуации и те тера да се преиспитуваш себеси. Инспирацијата ја црпам од самиот процес – од напорот, од природата, од моментите кога мораш да реагираш инстинктивно и прецизно. Тоа е дисциплина што бара целосна присутност, а токму во таа присутност се раѓа и адреналинот. Тој адреналин не е цел, туку последица и потсетник дека си жив, фокусиран и во контакт со сопствените граници“.

Како почна и од која возраст “влезе“ во овој спорт? Што беше пресудно? Дали љубопитноста потоа се изроди во љубов кон планините, патеката, да се дојде до успехот кој нешто значи? Дали имавте помош и поддршка од вашиот татко кој е познат првак и рекордер во падобранство?

“Со велосипедот сум поврзана од најраното детство, но тогаш тој беше симбол на слобода и истражување. Натпреварувачкиот пат започна пред шест години, кога станав дел од велосипедскиот клуб Енерџи. Таму започна вистинското разбирање на спортот – неговата структура, сериозност и цел. Од љубопитност, постепено се роди љубов кон процесот, кон патеката и кон постојаното надминување на себе. Поддршката од семејството секако, беше важна уште од самиот почеток. Мајка ми и татко ми ме пораснаа со идејата да не се плашам и да посегнам и по она што изгледа невозможно. Од нив научив дека храброста не е отсуство на страв, туку способност да се движиш напред и покрај него. Тоа е вредност што ме следи и денес во секој мој подвиг. Татко ми, како спортист со својот пример остави длабока трага и сè што тој направи за спортот, со неговата храброст и посветеност  неминовно ме обликуваа. На некој начин, природно го наследив тој пат, не затоа што мораше, туку затоа што е несомено исправно“.

Како реагира вашата околина, како реагираат вашите најблиски пријатели по сите оние силни тренинзи и напори од ваша страна за да се дојде до височините на успехот?

“Реакциите од околината се силно позитивни и за мене многу значајни. Но најголемата вредност не е само во поддршката, туку во моментите кога мојата приказна инспирира некој друг да направи позитивна промена во својот живот“.

ОВОЈ СПОРТ Е ПОСЕБЕН ЗАТОА ШТО Е ДИРЕКТНО ПОВРЗАН СО ПРИРОДАТА И СЛОБОДАТА НА ДВИЖЕЊЕ

Најголемите успеси во кариерата на Дуња и кои се амбициите за во иднина? Има ли Дуња нешто по кое мечтае како неостварен сон во овој спорт?

“Покрај резултатите, за мене најголем успех е влијанието што заедно со ВК Енерџи го оставаме врз развојот на спортот и младите генерации. Резултатски, како најзначајни се неодамнешната квалификација за Светското Маратон првенство, меѓународните пласмани во рамките на Светскиот куп и најпосле историскиот ранкинг на светската УЦИ листа кој го смести македонското знаме на првата страна меѓу најдобрите триесетина женски натпреварувачки од целиот свет. Сепак, амбицијата оди подалеку од резултати а  таа е создавање систем, структура и јасен пат за следните генерации што ќе сакаат да се занимаваат со овој спорт“.

Што е посебно во овој спорт, со кој се занимаваат се повеќе млади, секако и машки и женски, па и во Македонија?

 “Овој спорт е посебен затоа што е директно поврзан со природата и слободата на движење. Не бара затворени простори, туку отворен свет и постојана интеракција со теренот. Растот на велосипедската култура е очигледен и исклучително важен бидејќи создава здрави навики и нова спортска свест уште од најрана возраст. Сепак, натпреварувачкиот велосипедизам е една друга димензија за која не смеат да постојат компромиси и спуштање на критериумите по цена на привиден локален успех. Македонија има таленти, но патот до елитната сцена е долг и брои многу скалила. Во тоа друштво нема место за импровизации и затоа неопходно е да се стремиме кон чист професионализам доколку посакуваме реален успех“.

За да се дојде до целта, до успех и рекорд, не е потребно само физичка сила и добра подготовка, туку и нешто во психологијата а тоа е веројатно да се биде роден победник? Дали Дуња е роден победник?

“Не би рекла дека сум роден победник. Повеќе се гледам себеси како борец. Сè што сум постигнала е изработено и заслужено со многу труд, љубов и конзистентност – ништо не ми е паднато од небо. Ме води љубопитноста, упорноста и потребата постојано да се движам напред. Верувам дека победничкиот менталитет не е нешто со кое се раѓаш, туку нешто што се гради. Кога нешто те буди наутро со желба за работа, тогаш веќе си на вистинскиот пат“.

МОЈАТА ЦЕЛ Е ДА ПОКАЖАМ ДЕКА ПОВЕЌЕ УЛОГИ НЕ СЕ ПРЕЧКА, ТУКУ МОЖАТ ДА БИДАТ ХАРМОНИЈА

Дуња е инспирација за помладите спортисти, а посебно кај девојките и жените, и не само во планинскиот велосипедизам, туку во сите останати спортови?

“Женскиот спорт сè повеќе добива видливост, и тоа е исклучително важно. Но истовремено, жените често носат повеќе улоги во животот – професионални, семејни и лични. Токму затоа е важна поддршката и системот што им овозможува да се развиваат без ограничувања. Мојата цел е да покажам дека повеќе улоги не се пречка, туку можат да бидат хармонија ако постои вистинска посветеност, љубов и разбирање“.

Каква поврзаност има доктор на науки по филозофија, естетиката, пијаното, да се биде и наставник по пијано и секако да се биде врвен спортист? Кој ли само би помислил дека тоа може се во една личност, во Дуња?

“На прв поглед изгледаат како сосема различни светови, но суштински се еден ист простор на истражување. Пијаното ме научи на дисциплина и чувствителност, филозофијата на критичко мислење, а спортот на директна реалност и издржливост. Сите три патеки се само различни начини на истото – да се разбере светот и сопственото место во него“.

Кога сте со пијаното, се „одморате“ од велосипедизмот или е спроивно?

“Музиката и спортот кај мене не се спротивности, туку рамнотежа. Едниот внесува смиреност и внатрешен ритам, другиот динамика и предизвик. Заедно создаваат целина во која нема заситување, туку постојано обновување“.

СЕКОЕ ДЕТЕ Е РАЗЛИЧЕН СВЕТ И МОЈА ЗАДАЧА Е ДА ГО РАЗБЕРАМ И ВОДАМ НИЗ ПРОЦЕСОТ НА УЧЕЊЕ

Дали сте строга наставничка, држите до вашите принципи воопшто во животот, или знаете понекогаш да направите компромис?

„Не би рекла дека сум строга наставничка. Повеќе верувам во „строга љубов“ – однос кој се темели на доверба и искреност. Секое дете е различен свет и мојата задача е да го разберам и да го водам низ процесот на учење, а не да го обликувам според шаблон. Музиката не’ учи на трпение, фокус и внатрешен мир и токму тоа се трудам да го изградам со моите ученици. Јас не сум над нив, туку растам покрај нив. Целта е да ја приближам до нив најубавата уметност како нешто неопходно, нешто што понатаму ќе остане дел од нивниот живот, без оглед на тоа што ќе одберат за своја професија“.

Како Дуња ги сместува сите овие активности во само еден ден, зарем не се премалку тие 24 часа за неа и нејзината активност на сите полиња?

“24 часа понекогаш навистина изгледаат како 48, но клучот не е во времето, туку во приоритетите и во разбирањето меѓу луѓето околу мене. Кога постои хармонија во тој круг, многу работи стануваат можни“.

Вашата порака за младите девојки кои се занимаваат со овој спорт, но и со останатите спортови, а во Дуња гледаат како свој идол?

“Мојата порака е едноставна – да бидат храбри и искрени кон себе. Да го следат она што навистина го чувствуваат и да не се откажуваат на првата пречка. Знаењето, трудот и истрајноста се темел на секој успех, а вистинската сила е во тоа да останеш верен на сопствениот пат“.

Имате ли време за добра книга, добра музика, што е во вашиот фокус?

“Книгата и музиката се мојот внатрешен простор на мир и смисла. Тие не се хоби, туку потреба – начин на дишење и живот.  Во нив секогаш наоѓам баланс и енергија за се’ што ми носи денот“.

За крај, како вие би ја опишале Дуња Иванова?

“Неуморен идеалист – човек кој верува дека добрината, трудот и енергијата што ја даваме кон светот се враќаат како бумеранг, често во моменти кога најмалку ги очекуваме. Во луѓето секогаш ја барам нивната убавина, онаа тивка светлина што секој ја носи во себе и верувам дека токму таа вреди да се види и препознае. Но истовремено, имам јасна линија на достоинство, почит и интегритет. До неа сум отворена и топла, но кога ќе се премине, знам да кажам едно многу едноставно: no pasarán“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноДи Џеј Стујард: За Македонија ќе дадам максимум
СледноИвановски и Приходко обезбедија полуфинале на турнирот во Загреб