Берокал: „Најважно е што се натпреварувавме сите 40 минути и што ја изградивме потребната самодоверба“

142

Македонската сениорска репрезентација ја заврши првата фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2029 со максимален ефект, откако на гостувањето во Луксембург славеше со 80:66.

И покрај бројните кадровски проблеми и скратениот ростер, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал уште еднаш покажаа карактер и заслужено стигнаа до шестата победа во низа.

По натпреварот, Берокал направи анализа на одиграното, потенцирајќи дека неговиот тим одиграл одлично прво полувреме, а падот во продолжението бил очекуван со оглед на ограничената ротација.

Натпреварот имаше две различни лица. Во првото полувреме, кога имавме повеќе можности за ротација, игравме многу добро. Добро ја движевме топката, ја делевме одговорноста во нападот и одигравме квалитетна кошарка. Во второто полувреме беше очекувано Луксембург да реагира пред својата публика. Направија одредени тактички промени, а ние со скратената ротација почнавме да чувствуваме замор кај дел од играчите. Сепак, најважно е што се натпреварувавме сите 40 минути и на крајот заслужено победивме. Таквите победи носат самодоверба и се многу значајни за развојот на тимот“, изјави Берокал.

Македонскиот селектор нагласи дека и покрај одредени недостатоци во ростерот, сите играчи максимално го дале својот придонес.

Ни недостигаа неколку важни играчи, особено на бековските и центарските позиции, но секогаш мораме да се фокусираме на оние што ги имаме на располагање. Играчите кои настапија одговорија на задачите и тоа е најважно.“

ПретходноСабаленка елиминирана во 1/8 финалето на Вимблдон!
СледноЕкстра засилување: Струга ТЛ се пофали и со Андреј Јовчевски!(ФОТО)