Факт е дека Хоан Лапорта успеа да ја стабилизира Барселона, дури и до одреден степен да ја извлече од финансиската криза во која западна, но меѓу многу експерти и навивачи постои страв дека станува збор за популистички потези, кои само привремено ги решаваат проблемите.
Да се потсетиме дека пред три години, Лапорта однапред продаде 25 проценти од ТВ правата на американска инвестициска компанија за период од 25 години, а беа склучени и разни кредитни аранжмани со светски банки. Благодарение на тие финансиски инјекции, клубот можеше да стане конкурентен на пазарот, да влезе во реконструкција на стадионот, но е далеку од тоа целосно да биде на нозе. Најдобар доказ за ова е подигањето нов заем од дури 210.000.000 евра.
„Мундо депортиво“ пишува дека меѓународната агенција „Морнингстар ДБРС“ го потврди кредитниот рејтинг на Барселона, објаснувајќи дека тоа „ја зајакнува довербата во силата на бизнис моделот и финансиската стратегија на клубот“. Сепак, истата агенција веднаш го ревидираше економскиот статус на шпанскиот шампион од „позитивен“ на „стабилен“, наведувајќи го како главна причина отворањето на две нови кредитни линии.
Според истиот извор, првата транша од 105.000.000 евра ќе биде достапна веќе овој месец, додека втората треба да пристигне во ноември.
„Тој кредитен аранжман беше дизајниран да ја зајакне финансиската позиција на клубот за тековниот преоден рок“, наведува Мундо и подвлекува дека Барса, како кредитен гарант, повторно ветила приходи од идните ТВ права?!
Таа прва финансиска инјекција што ќе пристигне овој месец треба да послужи за исплата на отштета на Атлетико за Хулијан Алварез и на Борусија Дортмунд за Карим Адејеми. Исто така, дел од парите ќе бидат пренасочени за исплата на лични приходи на вработените.










