Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски во изјава за официјалниот сајт на КФСМ истакна дека е задоволен од исходот на ждрепката која што денеска се одржа по повод новата рунда квалификации за ФИБА Евробаскет 2029.
Искусниот наш репрезентативец вели дека Австрија и Кипар се противници по мерка но дека Македонија мора да влезе максимално подготвена во секој до мечевите кои што предстојат.
„Би рекол дека, пред сè, најважно е да бидеме сите здрави, а уште поважно е да бидеме комплетни. Селекторот да ги има на располагање сите играчи, бидејќи има неколку кошаркари кои не беа дел од овој прв претквалификациски циклус, во кој остваривме максимален резултат.
Факт е дека имаме нешто полесни противници во втората рунда, но тоа е само на хартија. Во кошарката одамна нема лесни натпревари и фаворити однапред. Пред нас се нови четири средби, а ние мора да одиме чекор по чекор.
За разлика од овој циклус, во августовскиот ќе имаме помалку денови за подготовки. Но, доколку сме сите на број и го достигнеме вистинското ниво, верувам дека ќе имаме уште поголеми шанси да ја оствариме главната цел – пласман во квалификациите за следното Европско првенство“ – изјави капитенот на Македонија.
Македонската репрезентација во вториот круг од претквалификациите ќе стартува на 30 август, а во групата „Ф“ ќе се соочи со Австрија и Кипар. Само најдобропласираната селекција ќе обезбеди место во квалификациите за ФИБА Евробаскет 2029.










