Шкендија – Европа 1:0 е исходот од реваншот од 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции. Ова беше практично тренинг натпревар ако се знае дека на првиот меч на Гибралтар минатиот четврток славеше со 5:0. Стрелец на голот беше Крстевски во 86.минута. Со ова се стави заверка, се официјализира пласманот на тетовци во следната рунда каде за ривал ќе го имаат тимот на Браво од Словенија.
Натпреварот, сосема очекувано, започна со иницијатива и доминација на Шкендија. На првата шанса за водство не се чекаше многу, се играше 5.минута кога Тамба во една акција, беше двапати во шанса, но сепак не погоди. Две минути Ндзенгуе ја затресе мрежата на гостите, но тоа беше офсајд и тој гол беше поништен.
Во 10.минута нова шанса за Тамба, шутираше, ама беше себичен, имаше најмалку двајца свои соиграчи кои беа во подобра ситуација. Ндзенгуе одново се закани, но за малку покрај голот во таа 13.минута. Во 29.минута гостите можеа да казнат, Ди Пиеди имаше зицер, ама голманот Амзаи спасува чист гол за Европа.
Во 40.минута Ндзегуе одново се заканува, но на пауза се замина со тие почетни 0:0.
Во продолжение иста слика на теренот. Шкендија беше таа што напаѓаше, што посакуваше да “тресе“. Тамба, Ндзенгуе, Криезиу, Димоски… во неколку наврати опасно се заканија, но гол немаше и немаше.
Сепак се чини дека Шкендија и во тие моменти како да помислуваше да префрли во поголема брзина, а намеше ни потреба за такво нешто. Резултатот од првиот меч и даваше таква комоција за да се пробуваат некои варијанти, ако се знае дека во следниот двомеч против словенечки Браво ќе биде далеку потешко.
Но, во 86.минута по една добро одработена акција, Крстевски стрела за 1:0, за втора победа на Шкендија во овој двомеч и за вкупни 6:0 за нашиот претставник.
1.коло – квалификации во ЛК – реванш (5:0 прв меч)
ШКЕНДИЈА – ЕВРОПА 1:0 (0:0)
Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Антон Лашук (Белорусија). Стрелци: Крстевски 86.(ШКЕ)
ШКЕНДИЈА: Амзаи, Ислами (89.Цека), Фетаи, Трумчи, Димоски, Фреитас, Зејнулаи (86.Ф.Рамадани), Красниќи, Криезиу (71.Иса), Ндзенгуе (71.Ибраими), Тамба (71.Крстевски).
ЕВРОПА: Лопез, Баути, Висенте, Муелхи, Драмех, Фернандез (90.Јео), Кинтана, Хередиа (59.Кабаљеро), Руиз (72.Лабрадор), Мпинди Ланду (72.Виголо), Ди Пиеди (59.Кармона).











