Кадетите поразени и на втората контрола во Софија

70

Машката кадетска репрезентација на Македонија го запиша и вториот пораз на контролните натпревари во Софија откако загуби од кадетската селекција на Ирска со (79:88).

Нашите кадети беа рамноправен противник во поголемиот дел од средбата, но по изедначените три четвртини, Ирците одиграа подобро во завршницата и стигнаа до победата.

Капитенот Зунзуровски беше најефикасен во македонскиот состав со 26 поени, четири асистенции и два скока. Шабани постигна 20 поени, на кои додаде четири скока и три асистенции, додека Коневски натпреварот го заврши со 15 поени и пет скока. По шест поени реализираа Колевски и Бошев.

По завршувањето на натпреварот, селекторот Дејан Стојановски го оцени двомечот како значајна проверка во оваа фаза од подготовките.

Ирска одигра со многу висок интензитет и тоа беше добро искуство за нас. Имавме проблеми во скокот, во играта “еден на еден” во одбраната и имавме премногу загубени топки. Им дадовме шанса на сите играчи и направивме широка ротација, што и беше целта на овие натпревари. Во еден момент се вративме од негатива од десетина поени, израмнивме, но во последната четвртина противникот премина во зонска одбрана, на која сè уште не сме работеле. Затоа сметам дека ова беа две многу корисни контролни средби за нас. Сега продолжуваме во следната фаза од подготовките.“

По двете контролни средби, македонската кадетска репрезентација се враќа во Скопје, каде ќе ги продолжи подготовките за настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое од 6 до 15 август ќе се одржи во Скопје и Гевгелија.

ПретходноПоради Норвешка: Вејн Руни го загуби облогот, па мораше да весла! (ВИДЕО)
СледноПолувреме: Силна Англија, “триколорите“ се бламираат! (ВИДЕО)