Кузманоски: Максимално сме подготвени! Групата е најтешка, одиме без страв против сите!

106

Марија Ковачева

Македонската кадетска репрезентација одбројува до стартот на Европското првенство, кое од 29 јули до 9 август ќе се одржи во Белград. Предводникот на овој национален тим, Горан Кузманоски, и неговите момци ги прават последните подготовки пред заминувањето во Србија. Македонија ќе има тешка задача, бидејќи во групата ќе игра против Словенија, Франција и Шведска.

Покрај подготовките во Австрија, нашите кадети во Скопје одиграа два пријателски натпревари против Грција и на двата запишаа победи. Кузманоски е задоволен од престојот во Грац, а за контролните средби вели дека му дале јасна слика за сето она што треба да се коригира пред важните битки.

„Пред сè, подготовките во Австрија ни дојдоа во вистинско време. Имавме одлични услови за работа и бевме сместени во прекрасна средина во близина на Грац, каде што го реализиравме првиот дел од подготовките. За нас беше многу важно екипата да биде заедно во тој период, бидејќи покрај тренинзите го градевме и тимскиот дух.

Двата контролни натпревари со Грција ни послужија пред сè како показател до каде сме во овој момент. Добивме јасна слика за работите што функционираат добро, но и за оние во кои треба да направиме корекции пред почетокот на Европското првенство. Иако остваривме победи на двата натпревари, имаше периоди во кои не бевме на посакуваното ниво, но токму затоа постојат ваквите контролни средби – да ги воочиме слабостите и да работиме на нивно отстранување“, ни рече Горан Кузманоски.

Оваа генерација веќе долго време тренира заедно. На сите ракометари добро им се познати задачите што Кузманоски им ги има поставено, како и системот на работа. Кадетите зад себе имаат успешни настапи на Светското училишно првенство во ракомет и на Медитеранските игри.

„Добро се познаваме и задоволен сум пред сè од тоа што сите играчи дојдоа подготвени, максимално мотивирани и со вистински пристап кон работата. Тоа е многу важно, бидејќи подготовките ги искористивме на најдобар можен начин.

На Европското првенство сакам да видам Македонија која ќе биде цврста во одбраната, дисциплинирана во сите сегменти од играта и тактички максимално подготвена за секој противник. Сигурен сум дека мотивација нема да недостасува, затоа што ова првенство е многу важно за оваа генерација. Ова е шанса да покажат колку напреднале како тим и како индивидуалци и достоинствено да ја претстават Македонија на европската сцена.“

Кузманоски истакнува дека стручниот штаб веќе направил детални анализи на сите противници. Иако Македонија се наоѓа во најтешката група, тоа не значи дека неговите избраници ќе се предадат. Напротив, сите во тимот се подготвени да го дадат максимумот. Дополнителен мотив е фактот што за сите репрезентативци ова ќе биде прво големо натпреварување.

„Групата е дефинитивно најтешката на првенството. Веќе направивме детални анализи и собравме информации за сите противници. Доволно е да се погледнат резултатите од младинските категории на овие репрезентации, кои на последните големи натпреварувања освојуваа медали, за да биде јасно за каков квалитет станува збор.

Позитивно е тоа што за сите репрезентации ова е прво големо натпреварување за оваа генерација, па сите почнуваат од иста стартна позиција. Ние ќе отпатуваме максимално подготвени – физички, тактички и ментално – и сигурно нема да се предадеме во ниту еден момент, без разлика кој е противникот. За мене, покрај квалитетната подготовка, еден од најважните фактори ќе биде психолошката стабилност на тимот. На вакви првенства токму менталната сила, карактерот и вербата во сопствените квалитети често ја прават разликата на натпреварите.“

Македонија првиот натпревар на Европското првенство ќе го одигра против Словенија на 29 јули.

ПретходноФоден уште долго во Манчестер Сити
СледноПознат составот на Вардар против Рига