Матиц Сухолежник, 31 годишниот пивот е едно од трите нови засилувања во редовите на Алкалоид. Тој доаѓа од екипата на РД Слован, а во својата кариера има настапувано и за екипите на РК Целје, Данкерк и Саран од Франција, Бенфика од Португалија и за хрватскиот првак РК Загреб.
„Впечатоците за Алкалоид се добри, ми се допаѓа и клубот и Скопје како град. Пред нас е многу работа, да бидеме спремни на почетокот на сезоната. Се надевам и верувам дека ќе имаме добри резултати заедно. Ја следев македонската лига низ годините, ми се допаѓа што напредува од година во година. Се работи за доста силна лига. Ми се даде прилика да дојдам во Македонија, од претходно си кажав дека ако ми се даде шанса, ќе ја прифатам. Очекувањата за сезоната се секогаш највисоки, секој меч ќе дадеме се од себе и се надевам на што е можно подобар пласман на сите фронтови“, ни изјави Сухолежник.
Во екипата има неколку играчки промени. Од екипата што играше во минатата сезона заминаа ракометарите Мартин Ивановски, Никола Маркоски, Кристијан Симоноски и Мартин Серафимов. Нови имиња се уште Нејц Цехте и Вуко Борозан.










