Кошаркарски клуб ТФТ Скопје продолжува со градењето на тимот за сезоната 2026/27 со уште едно големо засилување и инвестиција во македонската кошаркарска иднина.
Од вечерва и официјално, ТФТ има ново име, Ѓорѓи Цветковски!
Со само 18 години, Цветковски веќе покажа дека е еден од најголемите македонски таленти. На Европското првенство до 18 години бележеше одлични 17.3 поени во просек, со извонредни 45% реализација за три поени, со што се најде како втор најдобар стрелец на првенството и беше меѓу кандидатите за MVP признанието.
На Ф4 турнирот до 18 години во македонската лига, за екипата на Вибас од Скопје, во полуфиналето постигна 30 поени, додека во големото финале против екипата на Вардар, во директен дуел со Григориј Ѓорѓевиќ, кој исто така е нов член на ТФТ,блесна со неверојатни 39 поени и 11 скока, за индекс на успешност 41.
Со потписот на Цветковски, ТФТ практично го обединува бековскиот тандем на македонската репрезентација до 18 години, дополнително потврдувајќи ја својата стратегија – инвестиција во младите, развој на македонските таленти и градење на иднината на клубот.










