Во очекување на новата кошаркарска сезона во домашното првенство, Владимир Мирковски, шефот на стручниот штаб на КК Работнички, најави битка за врвот.
“Цел ни е да го вратиме Работнички таму каде што му е местото – на врвот! Имаме нова управа, нова енергија и заедничка цел – да го вратиме Работнички таму каде што му е местото!”, вели Владимир Мирковски.
Мирковски ја почнува својата 24-та сезона како тренер, а втора на кормилото на сениорите на КК Работнички АД Скопје, клуб со најмногу освоени шампионски титули (15) во самостојна Македонија.
„Минатата сезона беше турбулентна, но нè направи единствени. Го задржавме костурот на тимот, донесовме неколку засилувања на дефицитарните позиции и создадовме одличен спој на младост и искуство. Нашите амбиции се јасни – очекуваме да играме финале”, вели Мирковски.
“Закажавме девет пријателски натпревари, со домашни и странски екипи, што ќе ни ја дадат вистинската слика за квалитетот и подготвеноста на тимот пред почетокот на сезоната. Очекувам максимално залагање, дисциплина и посветеност од секој кошаркар”, дополнува Мирковски.










