Ѓуроски: Имаме доволно време да се подготвиме и да стигнеме до посакуваната победа

30
фото: mkd.basketball

Македонската машка сениорска репрезентација вечерва ќе го одработи првиот тренинг во „Спорт Арена“ во Виена, каде што во недела ја очекува првата средба од втората рунда на претквалификациите за пласман на Евробаскетот во 2029 година.

Пред почетокот на работата во австриската престолнина, своите очекувања ги изнесе искусниот репрезентативец Стојан Ѓуроски, кој посочи дека македонскиот национален тим веќе направил анализа на противникот.

Австрија во првиот натпревар од групата беше поразена од Кипар, резултат кој, според Ѓуроски, бил одредено изненадување, но истовремено и потврда дека сите селекции во оваа група заслужуваат максимален респект.

„Го анализиравме натпреварот на Австрија против селекцијата на Кипар, кој го загубија. Искрено, тоа беше изненадувачки пораз, затоа што очекувавме Кипар да биде некој од аутсајдерите во групата. Меѓутоа, покажаа дека се доста добра репрезентација.

Ги видовме предностите, но и недостатоците на Австрија. Имаме два дена тука во Виена, што мислам дека е доволно време добро да се подготвиме за тој натпревар и да стигнеме до првата посакувана победа“, вели Ѓуроски.

Искусното крило на македонската репрезентација смета дека, и покрај промените во ростерот во изминатиот период, националниот тим ќе продолжи да го негува препознатливиот стил на игра воспоставен со доаѓањето на селекторот Хозе Мариа Берокал.

„Откако е тука селекторот Берокал, играме доста слична игра. И самите знаете дека имавме доста промени во ростерот, што поради повреди, што поради клупски обврски, без разлика дали станува збор за Евролигата или Еврокупот.

Меѓутоа, мислам дека нашата игра ќе остане слична. Во овој момент Нено и Мозес се огромно засилување за нас и мислам дека ќе бидеме доста добри“, смета Ѓуроски.

Македонија првиот натпревар од втората рунда на претквалификациите ќе го одигра против Австрија во недела, во „Спорт Арена Виена“, со почеток во 16:05 часот.

ПретходноАлкалоид го прегази Ловќен за прва регионална победа
СледноМИ 2026: И Италија подобра од нашите ракометарки