По несреќата на „Вуелта“: Тадеј Погачар мора на операција!

130
ФОТО:printscreen

Првите информации од Вуелта за здравствената состојба на Тадеј Погачар беа охрабрувачки, но подоцна истиот ден, по деталните медицински прегледи пристигнаа различни информации.
Одличниот велосипедист, покрај потресот на мозокот, претрпел фрактура на левата клучна коска со поместување, како и стабилна фрактура на седмиот цервикален пршлен (C7), заедно со бројни гребнатини на телото.
Добрата работа е што нема невролошки последици поради жестоката несреќа, но најдобриот велосипедист ќе мора да се подложи на операција на клучната коска. Во овој момент, поверојатниот исход е крајот на сезоната за него.
Погачар падна 32 километри пред целта на осмата етапа, која се возеше во близина на Валенсија, помеѓу Пусол и Херако. Словенечкиот ас удрил во камен од левата страна на патот, ја изгубил контролата и паднал на земја преку воланот.
Директорот на медицинскиот тим на ОАЕ Емирати, Адријан Ротуно, по прегледот во болницата објави дека Погачар претрпел сериозни повреди кои барале операција.
„За жал, Тадееј доживеа тежок пад за време на денешната етапа и не можеше да ја продолжи трката. Неговата состојба е стабилна“, објави Ротуно. Со оглед на сериозноста на падот, охрабрувачка вест е дека лекарите не пронајдоа други сериозни повреди. Според неговиот тим, Погачар нема невролошки последици поради повредата на цервикалниот пршлен.
Словенечкиот велосипедист ќе мора да се подложи на операција поради скршена клучна коска. Операцијата нема да се изврши веднаш, како мерка на претпазливост поради потрес на мозокот, а Погачар ќе остане под надзор на медицинскиот тим на ОАЕ до понатамошно известување.
„Повеќе информации ќе објавиме по операцијата“, соопшти тимот.

ПретходноПочина уште една легенда на Пелистер: Победата во Ѓорче посветена на Божо Димчевски! (ФОТО)
СледноКуглање: Македонски репрезентативец со Гинисов рекорд!(ФОТО)