Војдан Стојановски е на чекор до магичната 100-ка во дресот на Македонија!

165

✍️ Од Виена за СПОРТСПОРТ, Марија Ковачева

Македонската кошаркарска репрезентација денеска во Виена го стартува вториот и најважен претквалификациски циклус за пласман во квалификациите за Европското првенство 2029 година. Противник на селекторот Хозе Мариа Берокал и неговите избраници е тимот на Австрија. Победа на оваа средба ќе значи голем исчекор за нашата репрезентација кон последната фаза за пласман на континенталното натпреварување.

И овој пат капитенската улога ја има Војдан Стојановски. Неуморниот борец е на два чекори до јубилејниот 100 настап во дресот на Македонија. Војдан денеска против Австрија ќе го одиграа 99 меч, додека пак големата бројка треба да ја одбележи во ноември против Кипар на домашен терен. Стојановски е веќе рекордер по бројот на настапи за македонската кошаркарска репрезентација.

Тој е вистински пример за професионалец, од моментот кога го доби статусот до ден-денеска секогаш е во служба на Македонија. Кај него не постојат изговори, зошто „црвено-жолтиот“ дрес е светост, нешто што треба да се почитува.

„За мене отсекогаш било чест и задоволство да играм за Македонија. Секогаш со голема гордост го носам националниот дрес и сакам да давам сè од себе за репрезентацијата. Без разлика колку настапи имаш зад себе, секој нов натпревар е посебен и секогаш имаш дополнителна мотивација кога играш за својата земја. Во спортот има тешки моменти, има и моменти кога можеби е најлесно да се откажеш, но кога станува збор за Македонија, секогаш наоѓаш сила да продолжиш. Знам што ни значи овој дрес и ќе се борам до крај, на секој натпревар.“, вели Војдан Стојановски. 

Првиот повик за сениорскиот тим го доби во 2008 година од тогашниот селектор, Јовица Арсиќ, момент кој вели дека не се заборава.

„Мојот прв повик за сениорскиот национален тим беше во 2008 година од тогашниот селектор Јовица Арсиќ, беше остварување на сонот да играм покрај Перо Антиќ, Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски…Навистина преголемо искуство за мене, многу учев од секој тренинг, од однесување до пристап кон тренингот. Секој тренинг за мене беше исто како да играм меч, жарот во тоа време беше таков. Најважно од се бев прифатен добро и никогаш не ми недостасувало нешто“, ни изјави Војдан.

Кога збориме за уште еден уникатен момент, тоа е секако Европското првенство 2011 година.

„Европското првенство во 2011 година е на прво место, се сеќавам баш како да беше вчера од успехот што го постигнавме до сите тие месеци кои ги минавме заедно, бевме како едно семејство. Го паметам секој натпревар, од прв до последен“. 

Што се однесува до денешната средба против Австрија, прва во втората квалфикациска рунда, Војдан истакна:

„Нашата цел е јасна – победа против Австрија. Но, за да го оствариме тоа ќе мора да бидеме префектни и борбени во текот на сите 40 минути. Не треба да не залажува нивниот пораз од Кипар, играат на домашен терен и тука секогаш се менуваат работите. 

Имаме добар тим, штета што го немаме и Андреј Јакимовски, за првпат ќе бевме комплетни. Иако имавме малку проблем со здравствениот билтен, сепак трениравме добро и се подготвивме за овој натпревар. Се надевам дека и ние ќе имаме поддршка од трибините, Македонците во Австрија најавија поддршка, која ќе биде од огромно значење“, рече Војдан. 

ПретходноНаучна фантастика или единствениот реален излез? Арапи му го трасираат патот на Алварез до Барселона?!
СледноПМФЛ: Шкендија Арачиново посакува бодови во Куманово