Сулиман: Башкими има квалитет, и тоа ќе го покаже многупати сезонава

66

Екипата на Башкими од Куманово, повеќе не е со нула бодови на контото. Напротив, вчера е извојувана првата победа во новиот ПМФЛ шампионат, и тоа на гостински терен. Против тимот на Скопје со конечни 1:2.

Стратегот на кумановци, Шабан Сулиман е задоволен од вчерашниот развој на настаните, и за СпортСпорт вели дека не треба да изненадува што Башкими конечно обезбеди позитива.

„Благодарам за честитките околу победата и бодовите освоени ан гостувањето кај Скопје. Во старт би рекол дека воопшто не беше лесно да се преземе тимот на Башкими во овој момент. Со оглед на фактот што летово од Куманово си заминаа многу играчи, и она што остана беше неколкумина младинци. Раководните луѓе на Башкими решија да ми ја дадат довербата, мене и на стручниот штаб, за што сум искрено благодарен.

Што се однесува до вчерашната победа, да. Конечно наша добра игра вроди со плод на еден меч. Искрен да бидам и на претходните мечеви бевме на ниво, но ете не се поклопија нештата да освоиме бодови. По она што се случи во Штип, сакавме да дојдеме до позитива и против Шкендија Арачиново, но и тука детали не делеа од позитива. Реално, и тогаш бев задоволен од залагањето, желбата, трудот вложен од страна на играчите, мотивацијата. Тоа не ни недостасува верувајте. Од ден на ден се подобруваме, мора да кажам. Ни фалеше голгетер, ете мислам дека со оваа изведба против тимот на Скопје тоа го добиваме во Антонио Да Силва.

Сега ни следува дуелот од Купот, против тимот на Коњаре, а потоа во Куманово доаѓа Вардар. Актуелниот шампион. Одиме меч по меч, работиме силно, напорно. Анализираме се подготвуваме. Бараме начин како најдобро да ги искористиме нашите предности. Оваа екипа има квалитети, верувајте. Многу верувам во неа, во овие момци, кои мислам дека ќе донесат многу позитивни резултати и добра игра во Куманово. Конечно, ова и за мене е прва прволигашка победа како главен тренер. И мене ми значи многу, како мотивација, кураж, и ми дава сила да продолжам да се борам заедно со мојата екипа“ – вели Сулиман за СпортСпорт.

 

ПретходноТри гола во четири меча…. Младост поради Ташовски е при врвот на табелата во Србија (ВИДЕО)
СледноВардар без Пиреш на дуелот со Арсими