ГРК Охрид и Е. Пелистер одиграа драматично дерби во првото коло од Суперлигата, кое заврши без победник – 28:28. Натпреварот во „Билјанини Извори“ донесе голема борба, а ниту еден тим не успеа да се одлепи на повеќе од два гола разлика. „Пелистерци“ во првиот дел имаа предност од 13:15, но Охрид со подобар старт на второто полувреме израмни.
Во последните пет минути се влезе со 25:25, по што следуваше драматична завршница со повеќе исклучувања. Охрид поведе со 28:27 на 30 секунди до крајот, откако погоди Мате. Сепак, Пелистер го имаше последниот напад, а Атанасијевиќ во последната секунда погоди за конечни 28:28.
Тиквеш 2014 со победа ја отвори новата сезона во македонската Суперлига, откако на гостувањето кај Струга славеше со 28:27. Стружани имаа одлично прво полувреме и на паузата заминаа со предност од пет гола (20:15). Кавадарчани во продолжението одиграа многу подобро и со серија од 6:1 успеаја да го вратат натпреварот во егал.
Во драматичниот финиш, Бен Махфуд промаши пенал за зголемување на предноста на два гола, a Струга во последната акција постигна атрактивен гол со „цепелин“, но недостигаше секунда за погодокот да биде признат.










