Атанасов: Создаваме тим за брза кошарка и борба на терен

66

Најдобриот кошаркарски колектив во моментов кај нас, тимот на МЗТ Скопје Аеродром, веќе неколку недели како активно се подготвува за претстојната сезона.

Тренерот  Васко Атанасов, во изјава за клупскиот сајт вели дека е задоволен од она што се случува во моментов и дека тимот ќе продолжи да се движи во позитивна насока.

„Мислам дека создадовме многу компактен, разноврстен и борбен ростер кој сигурно ќе игра кошарка каква што треба да игра МЗТ Скопје. Направивме промени, имаме нови лица во тимот и верувам дека ќе направиме целина која најдобро што може ќе одговори на секој од предизвиците што се пред нас. Во времето кое помина зад нас, согледавме како овој тим може да игра и колку може да напредува. Тоа е всушност нешто што посебно ме радува и верувам дека ќе биде вистинско задоволство да се гледа во текот на сезоната“, вели Атанасов па додава.

„Тренинг кампот во Негорски Бањи го искористивме за унапредување на техничко-тактичкиот дел, како и за кревање на физичката форма пред периодот во кој ќе ги одиграме подготвителните натпревари кои ќе ни ги покажат нашите добри и лоши страни. Играчите работеа доста напорно и секако сум задоволен од сработеното на теренот“, дополнува тренерот на актуелниот шампион, па се осврна на првиот пријателски дуел против Кожув на кој тимот на МЗТ Скопје Аеродром постивна 111 поени.

„Натпреварот против Кожув покажа некои црти од тоа како нас како стручен штаб ни е замислено овој тим да игра. Секако, со ростер полн со потентни офанзивни играчи, брзата игра и нападот ќе бидат нешто на кое ќе инсистираме. Останува да продолжиме да работиме и да го унапредуваме тоа што веќе го имаме.“

Очекувањата од клубот со реномето на МЗТ Скопје секогаш се највисоки, без разлика на натпреварувањето. Атанасов добро знае што се бара од него и од кошаркарите.

„Моите очекувања со МЗТ се секогаш исти – напад на секој трофеј и победа на секој натпревар! Најважно ми е на секоја средба да го дадеме максимумот, да се бориме до крај и да не ги оставиме навивачите разочарани. Сигурен сум дека таквиот пристап ќе нѐ донесе до посакуваната цел“, поентира стратегот на сино-белите.

 Следен противник на МЗТ во контролниот период ќе биде тимот на ГКК Штип, закажан за в среда на отворањето на спортскиот центар „Џексон“ во овој град.

ПретходноТРЕНЕР НА КОЛОТО: Оливер Богатинов (Тиквеш)
СледноОбјавени кандидатите за најдобар млад фудбалер на светот